Архитектонското биро BORD го заврши објектот за производство на јаболковина составен од тунели во форма на ромб во Etyek, Öreghegy, Унгарија.
Наречен BudaPrés погон за преработка на овошје, објектот од 910 квадратни метри се наоѓа во Etyek, кој често се нарекува Будимско лозје.
Објектот е сместен на Öreghegy – познат стар рид – каде што добро работат бројни реномирани винарии. Меѓутоа, на оваа парцела од околу еден хектар, наместо винова лоза, цветаат редови јаболкници.
Концептот на пректот произлегол од страст на татко и син за вино – тие се впуштиле во семеен потфат да основаат овоштарник со јаболка и погон за производство на јаболковина – сајдер од јаболка.
„Јаболковината сè уште е новина во Унгарија, но нејзиното производство има вековна традиција во Европа“, велат од бирото BORD, архитектонска пракса со седиште во Будимпешта, основана во 2006 година, и додаваат: „Во неа е содржана есенцијата на есента, златните зраци на сонцето, топлите бои и мирисите на лисјата и плодовите“.
Со желба да го одразат духот на природата, таткото и синот инспирирани од истата сакале да ја доловат таа атмосфера. Тие внимателно прават сок од јаболко кој ферментира во сајдер, каде доминантниот вкус не е шеќерот, туку вистинскиот вкус на јаболко.
Целта на семејството била да создадат простран погон за преработка опремен со сите потреби за производство на овој елегантен и софистициран унгарски алкохолен пијалок од јаболко.
Циклусот на природата ја достигнува својата кулминација наесен со зреењето на плодовите. Тогаш природата ја опкружуваат богати бои, ароми и текстури, топлина на кариран волнеен џемпер, заедничкото искуство на жетва под отворено небо – сето тоа е суштината на јаболковината.
Во архитектонскиот концепт, инспириран од уникатната геометрија на шкотско каро, традиционалната форма на кров со стрмен пад се трансформира, давајќи нов просторен изглед.
Геометријата на фасадата од кров од 45 степени пресликана е хоризонтално и ја одредува основната на зградата.
Оваа основна единица потоа е поместена и хоризонтално и вертикално и распоредена е во низа за да се формира конечната градежна маса. Сместена е паралелно со оската на падот на североисточниот дел на косината на парцела, делумно под теренот.
Архитектите користеле тунелести волумени во форма на ромб, на двата краја затворени со стаклени ѕидови. Според бирото, ова создава врска со стеблата јаболки во градината и околниот пејзаж.
Различни наменски проектирани простори распоредени се на три нивоа, логично одвоени. Под нивото на теренот, простор со големина на сала наменет е за оперативните области, кои се достапни од дворот од страната на падината. Тука се одвива преработката и ферментацијата на овошјето.
Над овој простор е нивото кое има услужна намена, кое вклучува простори за гости, бар, рецепција и изложбен салон со панорамски поглед. Армирано-бетонската конструкција овозможува возбудливо визуелно поврзување на простори без тавани и ѕидови.
Од гостинската зона се пружа поглед кон дворот, се гледаат и бурињата и шишињата, а може да се фрли поглед и на градината и на отвореното небо. Простори со различни големини, форми и со високи тавани се спојуваат еден во друг притоа прикажувајќи ја уникатната геометрија.
На највисокото ниво се наоѓаат тавански простори на редефиниран двоводен кров, канцеларии, сервисни, оперативни и машински простори.
Разиграните површини на проѕирните волумени создаваат уникатен визуелен ефект кога се осветлени ноќе, подобрувајќи го единствениот изглед на објектот.
Материјалите што го дефинираат надворешниот изглед вклучуваат правоаголни антрацит керамички плочки, кров од лим, малтерисани површини, алуминиумски врати и прозорци, заедно со повремениот метален сјај на модерната технологија.
Дизајнот на ентериерот исто така се придржува до архитектонскиот концепт. Во индустриските простори функционалните аспекти заземаат централно место, со видлива сирова технологија, бетонски конструктивни елементи и подови од смола. Во просториите за гости и канцелариите, доминантни материјали се бетонот, дрвото, алуминиумот и стаклото.
Рустикална дрвена облога поставена е на косите тавани. Облогите се рециклирани од елементи на земјоделски објекти кои требало да се рушат. Дрвениот под и облоги интегрирани во геометријата создаваат топла атмосфера во внатрешните простори.