Во предградието на на Гуангџоу, Кина постои одмаралиште, здравствена и уметничка заедница, наречена Tian Ren Shan Shui Land Art Community. „Неопходна е важна зграда за постарите луѓе да можат да ја почувствуваат сржта на заедницата: повторно враќање на вредноста на животот. Зградата треба да биде доволно стабилна за да стане симбол на заедницата, а флуидната форма содржи животност и виталност, трогателен простор што предизвикува забрзано чукање на срцето“, велат архитектите Design Center of Haoyuan Group за нивниот објект.
Локацијата на објектот е триаголна долина од околу 1.000 квадратни метри. Опкружена со патишта од три страни, додека висинската разлика на локацијата е мошне голема. Едната страна е блиску до висок потпорен ѕид. Основата на објектот се прилагодува на границата на локацијата и по рамномерно повлекување на границата, зафаќа трапезоиден објект од околу 500 квадратни метри.
Проектантите велат: „Духот на зградата ја враќа страста за животот, исто како филмот ‘Мирисот на жената’, кој ја раскажува приказната за слеп офицер кој се спрема да се откаже од својот живот и на крајот повторно кај него се разгорува страста под влијание на младиот човек кој го придружува. Проектот е инспириран од класичната сцена во филмот, главниот лик игра танго во ресторан со прекрасна млада дама: елеганцијата и страста на танцот го симболизираат животниот ентузијазм“.
Формата на зградата е поедноставена во две концизни линии. Силна права линија формира ѕид висок 24 метри. Мека и растеглива крива го формира заоблениот покрив кој преминува од хоризонтален во вертикален. Формата ги претставува елегантните танго танчери. Во комбинација со околната топографија, едноставната архитектонска форма коегзистира хармонично со околните ридови и шуми, создавајќи моќно и пријатно визуелно влијание.
Ѕидовите и покривот на зградата се од лиен бетон, едноставен и оригинален материјал за изразување на формата на зградата.
Внатрешниот простор на објектот се состои од бетонски ѕидови и покрив. Сончевата светлина влегува директно преку процепот висок 24 метри и создава возвишена и мирна атмосфера како готска црква, поради која луѓето се тивки, читаат и размислуваат.