Во околината на Алборг, град на северот на Данска, неодамна е завршена резиденцијална вила, која, како што сликовито ја опиша Bjarke Ingels, се извива од темелите како змија што се спрема за напад.
Објектот започнува на крајот од бетонски пат, а завршува со прекрасен поглед на околните зелени ридови, благодарение на големите прозорци на нивото на вториот кат.
Изложба на автомобили во срцето на вилата
Зградата полека се издигнува низ локацијата, така што сопствениците минуваат низ архитектурата, подготвувајќи се за суптилната сила на гравитацијата додека се движат нагоре, пишува DesignBoom.
Срцето на Villa Gug, која го добила името по предградието во кое се наоѓа, е просторот за автомобили, кои сопствениците сакале да ги покажат секому што ќе го посети нивниот дом.
Наместо да се одлучат за затворена гаража, BIG организирале поединечни кабини каде автомобилите се видливи и за минувачите, па така овој дел од куќата е како салон за луксузни автомобили.
Автомобилите се наредени во објектот, следејќи ја падината која завршува во чвор, објаснуваат архитектите од Bjarke Ingels Group.
Нордиски нијанси измешани со бетонски подови
Содржината во куќата полека се менува, од салонот за автомобили на приземјето до функционалните простори на куќата, вклучувајќи ја кујната, дневната соба и терасата на врвот на зградата.
Движејќи се низ внатрешноста на Villa Gug, може да се каже дека просторот се отвора нагоре, давајќи и на куќата чувство на транспарентност.
Класичните нордиски нијанси на бела и кафеава боја измешани се со бетонски подови. Стаклото местимично се појавува како преграда меѓу просторите, а притоа не ги ограничува.
Дневната зона со отворен концепт гледа кон централната градина каде погледите кон околината дополнително се прошируваат, додека собите се „качуваат“ и од нив можат да се видат останатите хоризонти.
Спиралниот дом создава рамнотежа помеѓу приватниот живот и изложување на јавноста, додека континуираниот успон овозможува постепен премин од паркирање до домување.