Насловна / Архитектура / Објект кој го крева стандардот на градби од масивно дрво

Објект кој го крева стандардот на градби од масивно дрво

Целта на дизајнот на Универзитетот во Масачусетс, по проект на архитектот Џон В. Олвер е да создаде иновативен и инспиративен објект, кој демонстрира однос кон животната средина. Резултат на овој проект е еден од најнапредните градби изградени од полно дрво во САД: објект на четири ката со површина од 8.100 квадратни метри, кој ја одразува заложбата на универзитетот за одржливост, како и иднината преку генерациите студенти кои ќе учат и ќе се движат низ ходниците на објектот.

Fasada 2
Со својата скелетна конструкција од лепено ламелирано дрво, вкрстено слепени плочи, и подни системи од дрвено-бетонски композити, дизајнот на овој Универзитет го крева стандардот на изградени објекти од масивно дрво.
Обвиткан е во бакарно обоен анодизиран алуминиум, кој, во комбинација со вертикалните прозорци ја отсликува дрвената структура, потенцирајќи ги бојата и структурата на шумите во регионот.

University of Massachusetts, Design Building

АРХИТЕКТУРА

Исто како што обединува три различни студиски отсеци, објектот служи како мост меѓу стиловите во архитектурата на различните објекти на кампусот. Внимателно е поставен на стрмен терен на главната артерија на кампусот, издигнувајќи се во три ката на источната страна на објектот, а во четири ката на западната. На тој начин, објектот ги поврзува помалите структури на историскиот Stockbridge Way со Центарот за уметност изграден од цигла и модерните бетонски структури на кампусот.
Челичниот дизајн беше повеќе од половина изграден кога универзитетот одлучи дека ќе продолжи со градба на дрвена структура. Сепак, знаејќи дека е можно да дојде до промена на концептот, во раните фази на градба биле донесени умни проектни решенија избирајќи структура која може да поддржи како челик така и масивно дрво, притоа внимавајќи на меѓукатните висини и севкупната геометрија на објектот. Тимот дури изработил паралелни шематски цртежи на објект од масивно дрво.

University of Massachusetts, Design Building
Проектиран за да опслужи 500 студенти и 50 лица академски персонал, објектот е организиран околу двокатен централен атриум, а поседува и флексибилен простор наменет за собири и настани, со вградено амфитеатрално седење, подвижни преградни табли, и кафетерија. Во ентериерот веднаш се забележува доминирачки композитен конструктивен систем на кровот и атриум кој содржи и трокатни преклопени скали од вкрстено слепени плочи кои висат на греди со долги распони што остава впечаток на лебдење.
Содржините кои ги користат сите три академски отсеци го опкружуваат атриумот во главниот волумен на објектот. Првиот кат содржи простории за предавања, лаборатории, работилници за производство и тестирање материјали, простории за јадење и училници, додека на вториот, третиот и четвртиот кат се наоѓаат студија, училници и канцеларии. Над атриумот има зелен покрив кој функционира како јавен двор и простор за учење за студенти кои студираат урбано пејсажно уредување.

Fasada
Стаклената фасада открива голем дел од првиот кат, вклучувајќи го и структурниот систем од масивно дрво и атриумот, нудејќи интеракција со минувачите.
Вториот, третиот и четвртиот кат се конзолно издадени неколку метри од првиот и се обложени со панелски системи за заштита од атмосферскк влијанија.
Објектот претставува конструкција од тип IV која овозможува користење на изложено, масивно или ламинирано дрво како вкрстено слепени плочи, лепено ламелирано дрво или дрвни подни облоги, доколку се исполнети ордедени услови. На пример, согласно стандардите на САД, треба да се употребуваат најмалите можни димензии на дрвната граѓа за одредени позиции, надворешните ѕидови мора да бидат изработени од незапалливи материјали или од дрво третирано за огноотпорност.

University of Massachusetts, Design Building

ГРАВИТАЦИСКИ КОНСТРУКТИВЕН СИСТЕМ

Конструктивниот гравитациски скелетен систем вклучува лепени ламелирани греди и столбови кои носат меѓукатен систем изработен од дрвено-бетонски композит и кров изработен од вкрстено слепени плочи.
Ламелираните дрвени греди се обработени со стандардни фабрички премачкувачи, додека елементите во деловите со поголема фреквенција се дополнително обложени. Повеќето ламелирани носачи се од црна смрека.
Кровната конструкција е изработена од седумслојни вкрстено лепени плочи, со ригидна изолација и плочеста мембрана на надворешната страна.

Deta krov 3

ОБРАЗОВАНИЕ ДЕНЕС, ГРАДЕЊЕ ЗА ИДНИНАТА

Завршен во јануари 2017 година, објектот денес е дом на динамична заедница. Неговите иновативни системи од масивно дрво се инспирација за студентите, за професионалните проектанти, како и за секој минувач привлечен од невообичаената глетка на видливата конструкција. На многу начини тој претставува и олицетворение на оптимистичка иднина.
Инспирирајќи ги проектантите, постои шанса објектот да доведе до зголемено производство на производи од масивно дрво во источниот дел на САД.

Detal krov (2)

Enterier 1

Enterier

Fasada 1

Fasada 3

 

Испрати коментар

Scroll To Top