Што, како и кога ќе се гради на просторот што со години предизвикува реакции во јавноста, засега точно не се знае. Не се знае ни што ќе се случува доколку Уставниот суд го укине актуелниот ДУП, според кој ќе се издаде првото одобрение за градба, пишува „Слободен печат“.
Уставниот суд оформи предмет по иницијативата на адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска и граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ со која го оспоруваат ДУП-от за Буњаковец 2.
Деновиве е објавена визуализација на просторот со објаснување дека на местото на „Треска“ ќе се изгради модерен комплекс со ниски станбени згради со квалитетна архитектура, која ќе остави впечатлив белег на околината, со уредено зеленило, модерна урбана опрема, меѓублоковски паркови и спортски игралишта. Кој и како ја подготвил оваа визуализација, никаде не беше соопштено.
На прашање од „Слободен печат“ до Општина Центар дали на видеото е прикажан изгледот на идната населба, дали уредување на просторот е направено според актуелниот ДУП и зошто, одговараат: „Проектот и визуализацијата се презентирани од сопствениците на земјиштето што е во рамките на градежните парцели. Општина Центар не може да го претстави изгледот на просторот затоа што станува збор за приватни парцели што се во приватна сопственост и за нив нема доставено проектна документација каде што Општината би можела да се произнесе во делот од нејзините надлежности“.
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ подолг период настојува да ја спречи изградбата на овој атрактивен простор во центарот на градот. „Се надеваме на еднакво брзо и ефикасно постапување на судот имајќи предвид што и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба. Герасимовски веќе потпиша една дозвола, а од медиумските објави се гледа дека и други инвеститори забрзано собираат милионски суми за да почнат со градба на „наполитанките“ кај „Треска“. Во недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските ДУП-ови што се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар“, велат од „Шанса за Центар“ и додаваат дека за просторот кај фабриката „Треска“ се бореа граѓани, активисти, архитекти и урбанисти, па, како што тврдат, до 2020 година имало и политичка волја за промена кога се прифати напуштање на решението од ДУП-от и се направи конкурс.
„Општинската власт под раководство на Герасимовски, неколкумина моќници и спрегата со институциите што го изгубија своето значење, интегритет и кредибилитет може да му пресудат на последниот поголем простор и да си ја потврдат својата улога на непријател на граѓаните“, нагласуваат од „Шанса за Центар“.
Извор: „Слободен печат“