Насловна / Архитектура / Објавена е програмата за архитектура во рамки на Скопје Креатива 2019

Објавена е програмата за архитектура во рамки на Скопје Креатива 2019

Скопје Креатива 2019 под мотото Зелено Скопје ќе започне на 31 мај и низ тридневна програма ќе се реализира до 02 јуни во МКЦ и Кино Култура.
Покрај програмата за дизајн, музичката програма, филмската и програмата за деца, во оваа прилика посебно ви ја претставуваме програмата за архитектура – што си поставува за цел, низ своите програмски сегменти, да го прoмисли терминот екологија низ призма на денешните околности и да прикаже креативни решенија за поквалитетен соживот во градот.
Во рамки на програмата за архитектура, изминатиот период беше реализирана дводневна работилница за истражување на потенцијалите на паркот на Младински културен центар и осмислување на решение за негово оживување преку изработка на архитектoнско тело (приклучок) кое ќе ги зајакнува и вмрежува капацитетите на местото.
Работилницата се реализираше со учество на 14 студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје од Факултетот за драмски уметности и Архитектонскиот факултет и од Универзитетот „Американ Колеџ” од Скопје од Архитектонскиот факултет, а ментори на работилницата, воедно и уредници на програмата за архитектура се: Дејан Ивановски, Максим Наумовски и Игор Вецовски.

DSC_2988
На 1 јуни, во 19:00 часот, по серија дискусии, предавања, работилници и симулации во рамки на програмскиот сегмент Екологии на градот, ќе биде отворен и презентиран приклучниот објект на паркот МКЦ, проектиран за време на студентските работилници.
Потоа ќе следи предавање на италијанскиот архитект Никола Руси основач на „Лабораторио перманенте“, вонреден професор по архитектура и урбана композиција на Политехничкиот факултет во Торино од 2016 година, како и член на Извршниот одбор на АНЦСА, Националното здружение на историски и уметнички центри.

Photo_Nicola-Russi
Руси ќе го претстави проектот – „Климатските агенти“ што се однесува на регенерација на два напуштени железнички дворови на северната и јужна периферија на Милано. Едниот е зелен – долга линеарна шума на Скало Фарини со способност да ги разладува и прочистува топлите ветришта што доаѓаат од југозападот; а другиот е син – долг линеарен систем за прочистување на водата во Сан Кристофоро. Во овој нов систем на вредности, јавниот простор – вклучително и водата, зеленилото и мостовите – е фиксен, а зградите се остаточни и несигурни.

Stampa
Програмата за архитектура ќе биде придружена од филмска програма на тема “Градот убав?“ низ чиј избор ќе бидат претставени неколку документарни филмови на студентите на Факултетот за драмски уметности што го коментираат животот на младите во современо Скопјe.
Филмовите ќе бидат прикажани на 1 Јуни од 21:00- 22:00 во Парк МКЦ.

skopje-kreativa-2019

Испрати коментар

Scroll To Top