Настанот „Бела ноќ 2017“ годинава ќе се одржи на 7 октомври.
Младинскиот културен центар и Градот Скопје, распишаа повик за учество на уметници кои на есен ќе бидат дел од ова целодневно културно случување во Скопје.
Годинава, како и секоја „Бела ноќ“, ќе бидат опфатени следниве области: визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видео арт, стрип) како и применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб дизајн, мода, дигитални креации, видео арт и инсталации), музика, филм и јавна уметност и урбани изведби и перформанси.
Селекцијата на уметниците ќе биде направена од страна на организаторите. Учесниците ќе бидат селектирани врз основа на поднесените апликации. Квалитет, иновација и карактер во опсег на предложениот концепт, се главните критериуми при селекцијата на уметниците и нивните дела. Додатно, дозволени се сите уметнички форми и медиуми реализирани со кои и да било инструменти или техники.
Со цел да земат учество на повикот, уметниците треба да ги поднесат следниве документи:
– биографија со личните податоци за уметникот или групата;
– фотографии, скици и цртежи;
– промотивни материјали (доколку ги има): каталог, брошура, рецензии, осврти…
– пополнета и потпишана апликација (во продолжение).
Апликациските форми (може да се најдат на официјалната интернет-страница www.belanok.mk) заедно со дополнителните документи треба да бидат испратени најдоцна до 1 мај 2017 година, на следниве адреси:
Младински културен центар, со назнака (ЗА БЕЛА НОЌ 2017), Кеј Димитар Влахов 15, 1000 Скопје, Македонија, или по пат на електронска пошта на [email protected].