Министерството за економија го објави јавниот оглас за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2016 година.
Согласно огласот, Министерството за економија по пат на јавно извлекување ќе им обезбеди поврат на дел од средствата на извлечените граѓани кои набавиле и вградиле сончеви термални колекторски системи во периодот од 21 јануари до 31 мај годинава. Повратот на средства изнесува до 30 отсто од вредноста, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност под услов да го немаат искористено правото на претходно објавените јавни огласи за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви колектори.
Право на учество на јавниот оглас имаат купувачите кои ќе ги купат и вградат во своите домови соларните колектори во периодот од 21 јануари годинава, кога е објавен огласот, заклучно со 31 мај 2016 година. Барателот до Министерството за економија треба да достави барање со изјава дека го нема искористено правото на поврат на дел од средствата на претходните огласи објавени во 2007, 2009, 2011, 2012, 2013, 2014 и 2015 година, оригинален доказ дека е извршено купување на сончев термален колекторски систем и тоа фискална сметка или фактура со извод од деловна банка по денот на објавувањето на огласот. Доколку достави и оргинален доказ за направените трошоци за вградување на системот ќе му бидат земени во предвид при утврдувањето на надоместокот.
Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање надоместок кое треба да се достави во затворен плик до Министерството за економија по пошта или во архивата секој работен ден од 9:30 до 15 часот со назнака „Оглас за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2016 година“, име и презиме и адреса на барателот.
Јавното извлекување на лицата кои ќе може да се стекнат со правото на надомест на дел од средствата ќе се одржи на 4 јуни 2016 година во СЦ „Борис Трајковски“. Секој барател кој има доставено барање за надоместување на дел од трошоците има право да присуствува на јавното извлекување, а избраните лица кои немаат уредна и комплетна документација нема да го остварат правото на надоместок.