Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска обелодени фотографии од новата ограда на скопскиот мост „Слобода“, лоциран кај хотелот Холидеј Ин. Тој напомена дека фотографскиот материјал од оградата е направен во едно депо на територијата на Скопје и притоа упати прашање до премиерот Никола Груевски и до градоначалникот на Скопје Коце Трајановски зошто не се објавува изгледот на спорната ограда. „Моите први искуства со локалната самоуправа ги стекнав во периодот додека Ристо Пенов беше градоначалник на Скопје. Мостот кај Хром и мостот Близнак чинеа 1.500.000 евра. Значи 1,5 милиони евра за два моста, а денес – два милиони евра само за ограда на мост. Каде отидоа парите од граѓаните?“, праша градоначалникот Жерновски.
На овие обвинувања во текот на денот даде одговор градската власт. Оттаму велат дека новата ограда воопшто не се крие од јавноста, туку е во тек на изработка, односно лиење, и ќе почне да се поставува веднаш по нејзиното комплетно завршување. Се демантира и тврдењето дека на мостот „Слобода“ ќе се поставуваат скулптури. „Нема никакво тајно депо каде што се кријат делови од оградата. Наводните „тајни“ фотографии коишто ги презентираа се направени во леарницата на РЖ Институт, каде што и се лие оградата“, се наведува во соопштението на Град Скопје.
Договорот за изработка и монтажа на оградата на мостот „Слобода“ беше склучен во пролетта 2012 година. За оградата од ковано железо и за канделабрите, на компанијата РЖ Институт од Скопје и на белградската леарница Јеремиќ им беа исплатени 70.173.420 денари, односно околу 1.150.000 евра. Дополнителни финансиски средства се потрошија за санација на тротоарите и на конструкцијата на овој инфраструктурен објект, како и на изведба на идното осветлување на мостот. Автори на идејниот проект за милионската ограда се уметниците Константин Јанев и Маријан Камиловски.