Оваа година е во знакот на сликарството и личноста на Петар Мазев, одбележани со ретроспективна изложба,за која Националната галерија на Македонија “Даут пашин амам“ доби признание за најдобра поставка и со монографија која содржи голем број репродукции и стручни текстови.Мазев оствари успешна педагошка дејност на Архитектонскиот факултет и почнувајќи од 1980 година до крајот на животот на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Во некои (не толку бројни) приватни колекции,создавани со љубов кон ликовната уметност може да се најдат непознати дела од повеќе или помалку познати уметници со кои се дополнува претставата за нивното творештво. Секој нов податок за животот и творештвото на уметникот може да има значење за прочување на неговото дело. Овој пат тоа се однесува на едно платно, насликано со маслени бои кое по стилските белези и потписот(набележан со молив,долу на десната страна на платното) е дело на Петар Мазев(кој почина во1993.). Потписот со молив обично се применува за да не се наруши белата подлога на сликата.Тоа е особено важно кога станува збор за опусот на еден од најзначајните уметници кој на еден впечатлив авторски начин ги афирмираше повоените текови на геометриска фигурација,енформелот и над се новите форми на полуфигуративниот и апстрактно-асоцијативниот експресионизам во Македонија. Сликата, дело кое предизвикува радост на мало откривање содржи две стилски карактеристики;станува збор за симбиоза на фигуративен и апстрактен стилски пристап на поврзаните мотиви, внесувајќи во нив лична емоција. Сликата, датирана со 1959 година ниту според одбраниот мотив ниту според стилските белези не претставува дел од серијата платна од истата година насликани во манир на цврста, геометриски стилизирана фигурација и употреба на придушени земјени тонови.
Во долниот дел на композицијата врз пиктуралната основа насликана со бели и сиви придушени тонови претставен е стилизиран женски лик, со класични црти и лирска доживеаност на мотивот. На таква основа покрај добро организираните видливи траги на потезите со четка(некаде можеби и со прсти)поспонтано се нанесени карактеристични зелени пастелни тонови. На темната површина на косата, која е само назначена се надоврзува имагинативно насликана површина, налик на расцветана крошна со карактеристична енформелна структура базирана на суптилни бели и сиви, окерести и светли земјени тонови. Потезите се организирани во правоаголни површини без остри рабови што претставува уште една карактеристика, всушност најава на пиктуралното енформелно сликарство на Мазев во 60-тите на 20 век на т.н.“бела фаза“(инспирирана од белите куќи во Кавадарци или белите манастирски зидови). Во нив на личен начин се споиле спонтаноста, интуитивното сознание и рационализираната постапка. Според Џон Дјуи функционалната вредност на уметноста не почива на некоја посебна цел, туку на целокупното задоволство на човечкото битие; тој ја отфрла дихотомијата меѓу телото и духот, мислите и чувствата, формата и материјата. Сликата е необичен осамен пример меѓу две фази на Мазев, конструктивистичката и онаа на пиктуралниот енформел кои претставуваат израз на талентирано сообразување со актуелните правци во “југословенскиот уметнички простор“. Сликата, што е предмет на обработка има карактерстики на издвоено дело со силен призвук на интимно доживување кое можеби не требало да биде изложено заедно со делата кои манифестираат припадност на поодделни историски валидни уметнички правци. Токму таквата мотивираност и специфичен сликарски пристап ова платно го прави исклучително интересно и заради објаснение на сликарската природа на Петар Мазев.
Автор: Владимир ВЕЛИЧКОВСКИ, историчар на уметност