Проект од годишната програма на Националната галерија на Македонија ќе биде претставен на свеченото отворање и започнување на Скопско лето 2016.
Така, отворањето на оваа манифестација ќе биде утре (21 јуни) во 20 часот во објектот Чифте амам, со изложба „Обичниот човек“ на авторот Жарко Башески, а куратор на проектот е Горанчо Георгиевски.
Интересот во творештвото на Жарко Башески е свртен кон човекот, па оттаму и интересот за хиперреалистичкиот приод во обликувањето на концептот на делото, кој во идејната проекција го надминува и хиперреализмот и говори за животот и реалноста во која живееме.
Жарко Башески е роден во Прилеп на 11 август 1957 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1988 година во класата на Петар Хаџи Бошков. Постдипломските студии ги завршил во 1998 година на матичниот факултет, во класата на Драган Поповски-Дада, каде што во тој момент работел како стручен соработник. Од 1988 година тој е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, каде што има остварено голем број активности (групни и самостојни изложби).
Имал студиски престој во Лондон од 1979 до 1982 година. Живее во Скопје и работи како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности.
Изложбата ке биде поставена до 15 август 2016 година.