Белградското архитектонско биро „Ларк“ потпишува проект за ентериер со цел да се адаптира локал во модерен brunch ресторан под името Eggz.
Проектната задача што им била поставена на архитектите вклучувала трансформација на просторот во функционален ресторан кој вклучува простор за седење, пулт за храна, две кујни, тоалети за гости и вработени, како и две остави.
Вкупната површина на просторот е 73 метри квадратни, што за авторите на проектот претставувало значаен предизвик во однос на организацијата и дизајнот со цел да се обезбеди комфор за гостите и вработените, притоа исполнувајќи ги сите барања од проектната задача.
Како што објаснуваат проектантите, главната цел била преку проектот да се пренесе духот на брендот, следејќи го концептот „цел ден појадок“.
„Паралелно додека работевме на проектот на ентериерот, тимот за брендирање го дефинираше визуелниот идентитет и пораката на брендот, што имаше влијание врз естетските и функционалните аспекти на проектот. Нашиот тим внимателно ги интегрираше овие елементи, осигурувајќи дека секој детал од ентериерот придонесува за целокупното доживување на брендот“, наведуваат архитектите.
Организацијата на просторот за седење е поделена на три целини: долга клупа, заедничка маса и две барски маси, а архитектите сакале секој дел од просторот да има своја автентичност.
„Заедничката маса, со дијаметар од 200 центиметри, е направена од едно парче дрво, а во нејзиниот центар има жардиниера со природно дрво високо 280 центиметри, што е и главен мотив во просторот“, велат од „Ларк“ и додаваат: „Не беше лесно да се најде дрво со соодветни димензии, кое може да опстои во затворен простор каде се подготвува храна. Олеснителна околност е тоа што просторот има многу природна светлина во текот на денот“, објаснуваат авторите понатаму.
Клупата е направена на челична подконструкција која носи кружни конзолни маси, а позади има жардиниера со природно зеленило.
На ѕидот над клупата виси голема скулптура од јајце, висока 120 центиметри, изработена од полимерен гипс.
Барските столови исто така се конзолни, бидејќи на овој начин авторите сакале визуелно да го олеснат просторот, додека сите столчиња во ресторанот се изработени од производителот МОД.
Доминантен елемент во просторот на ресторанот Eggz е големиот пулт, зад кој се наоѓа отворената кујна.
„Инвеститорот, кој е професионален готвач со долгогодишно искуство во земјата и странство, бараше пространа кујна со еден отворен простор, каде што гостите ќе можат да го набљудуваат процесот на подготовка на храната и една затворена кујна“, објаснуваат архтектите.
Додаваат дека се е проектирано во согласност со HACCP стандардите, кои гарантираат високи стандарди за хигиена и безбедност на храната.
„Таванот на локалот е спуштен над кујната и техничките простории, а преминот од целата височина се прави преку косина над пултот, со што сакавме да постигнеме проток на една целина во друга“, истакнуваат архитектите.
Подот, ѕидовите и таванот на ходникот завршно се обработени со микроцемент, со што авторите постигнале монолитен изглед на просторот. Микроцементот има висока отпорност на абење и лесно се чисти и одржува.
Ладниот тон на материјалот разбиен е со топлината на дабовото дрво и винтиџ плочките кои го покриваа пултот и акцентираните ѕидови во просторот.
Заоблената форма на плочките овозможува мазни премини помеѓу површините, давајќи му на просторот модерен и софистициран изглед.
„Акцент во просторот е жолтата летечка врата, со прозорец во облик на јајце, кој го одвојува просторот за гостите и вработените, дополнително нагласувајќи ја разиграноста и креативноста на концептот“, велат архитектите.