Последниот извештај на Обединетите Нации (ОН) за климатските промени под наслов The Heat is On, покажува дека светот се соочува со катастрофален пораст на температурата од најмалку 2,7° C доколку земјите не ги зајакнат своите климатски ветувања (кои главно и не ги спроведуваат). Извештајот предупредува дека моменталните политики на земјите ги намалиле количините на јаглерод диоксид за само околу 7,5% до 2030 година, што е значително помалку од 55%, колку што научниците велат дека е потребно за растот на температурите да се ограничи на 1,5° C. Последново е и целта на климатскиот самит COP26 кој се отвора во Глазгов оваа недела.
António Guterres, генералниот секретар на ОН, ги опиша овие состојби како „громогласен повик за будење“ на светските лидери, додека стручњаците повикуваат на драстична акција против фосилните горива. Иако повеќе од 100 земји ветуваат постигнување на нето нулта емисија околу средината на векот, тоа нема да биде доволно да се спречи климатската катастрофа, се вели во извештајот, кој укажува на расцепот помеѓу декларираните намери на земјите и нивното делување. До претстојниот COP26, сите земји имаа обврска да ги достават своите национални планови за намалување на емисиите – Национално утврдени придонеси (NDC) – за следната деценија, што е барање во рамките на Парискиот климатски договор. Но, извештајот на ОН открива дека само половина од земјите го сториле тоа. Големите емитери на јаглерод диоксид вклучувајќи ги Кина и Индија сеуште не ги објавиле своите планови, додека некои други земји како Русија, Бразил, Австралија и Мексико претставиле слаби планови кои не покажуваат напредок во однос на ветувањата од Париз.