Се претпоставува дека сауната е измислена во Финска, иако Финците не милуваат така да кажат. За нив не е толку важно кој ја измислил првата сауна, колку што е важно кој го довел нејзиниот дизајн до перфекција. Во Финска речиси сите станови и куќи имаат сауна во нив – податок со кој не можат да се пофалат останатите скандинавски земји.
Сауната е посебна, специјално изолирана просторија која се загрева на температура од 70-100 степени Целзиусови, преку загревање на камења. Како агрегат за загревање можат да се искористат дрвото, што е најпосакуванo, струјата или гасот. Се користи како просторија за релаксирање во топлиот воздух, а периодично се долева вода врз камењата за да се добие топла пареа која ја стимулира циркулацијата и длабoко ја чисти кожата со отворање на порите. Традиционално, во финската сауна најчесто се користи и грст од брезови гранчиња за повремено благо удирање по грбот. Овој процес резултира со физичко и ментално опуштање и здравје, но оваа магична просторија е многу повеќе од тоа.
Кога сауната не е сауна?
Со самото тоа што некоја просторија е изградена да изгледа како сауна не значи дека е права сауна. Простории каде загревањето се врши со инфрацрвени греалки не можат да се наречат сауни. Со оглед на тоа што живееме во свет со огромно електромагнетно зрачење, Финците се обидуваат да го намалат колку е можно повеќе електромагнетното зрачење, светлото и инфрацрвеното зрачење во суните.
Одењето во сауна е еден вид бегство од динамичниот свет кој нè опкружува и штетите што ни ги прави на нашето тело и ум. Седење во добро проектирана и добро изградена сауна создава прекрасно чувство на опуштеност и релаксирање. Дизајнот на сауните во Финска е доведен до перфекција, и со тоа престојот во нив е прекрасно доживување. Можеби затоа во статистиката од 2010 година се избројани 2.000.000 сауни во станбени објекти и куќи, а исто така има и многу јавни сауни. Со оглед на тоа што во Финска има 5,3 милиони жители, кажува многу за нивната култура и односот кон сауната.
Финска сауна
Финците сауната ја користат од неколку главни причини, како на пример загревање во суровата поларна зима, социјални активности, физичко, ментално и духовно исполнување и слично. Се претпоставува дека е измислена во Финска, иако Финците не милуваат така да кажат. За нив не е толку важно кој ја измислил првата сауна, колку што е важно кој го довел нејзиниот дизајн до перфекција. Во Финска скоро сите станови и куќи имаат сауна во нив, со што не можат да се пофалат останатите скандинавски земји.
Затоа кога ќе се спомне името Финска, првата асоцијација е сауната. Голотијата е составен дел од одењето во сауна – традиционално во Финските сауни не се носи ништо на себе, освен пешкир понекогаш. Во јавните сауни има строга забрана да се влегува со костими за капење, бидејќи од високата температура испуштаат несакани хемикалии кои ги содржи водата во базенот, или слично. Финците културолошки се потполно растеретени од стереотипите што владеат во други земји во однос на голотијата. Начинот на употребувањето на сауните во Финска е сосема спротивно на некои други европски земји. Во Европа, низ историјата, постоеле секаков вид на бањи, дури и некои кои наликувале на сауни, но поради неправилна употреба станале нехигиенски така што болестите брзо се ширеле во нив, затоа биле и забранувани со закон. Во Финска преживеала сауната бидејќи Финците се народ на шумите и природата, и никогаш не ја употребувале сауната на погрешен начин. Ова делумно се должи и на традицијата на Финците да имаат здрав став кон човековото телото и духот. Затоа и ден- денес тие се чувари на културата на одење во сауна. Бранот на популаризирање на модерната финска сауна во светот се јавува за време и по Олимписките игри во Хелсинки 1952 година.
Вентилација
Во сауната, покрај начинот на загравање, многу е важна вентилацијата на просторијата и промената на воздухот. Доколку сауната нема соодветна вентилација, нема поента таа воопшто да се користи.
Печките на дрва константно влечат воздух од просторијата за согорување и го испуштаат преку оџакот, а тој се заменува со свеж воздух, којшто влегува од отворот оставен под печката за брзо загревање на новиот воздух или кај станбените сауни од просторот оставен под влезната врата. Отворот за вентилација најчесто е со дијаметар од 15 сантиметри, и има капак за регулирање на провевот. Уште еден отвор се остава на ѕидовите во висина над очниот хоризонт за испуштање на стариот воздух. На овој начин, воздух богат со кислород константно циркулира во просторијата. За подобро зачувување на топлината во просторијата, отворот за испуштање на воздухот не треба да се позиционира најгоре на ѕидот блиску до таванот бидејќи топлиот воздух најмногу струи таму. Без разлика кој начин ќе биде употребен за вентилација на сауната, резултатот треба да биде свеж воздух за дишење со многу кислород. Само така сауната ќе претставува пријатно доживување. Воздухот природно има 21% кислород во него, ова треба да биде запазено и во сауната. Важно е, исто така, да се напомене дека сауната треба добро да се проветри пред секој циклус на загревање за користење.
Материјали кои се користат во сауна
Првиот и единствен избор на материјал коj се користи за градење на сауна е секако дрвото. Дрвото е единствениот материјал, кој при поставување во просторија загреана на многу висока температура може да се седне на него, визуелно изгледа смирувачки и во зависност од дрвниот вид, оддава пријатен и смирувачки мирис.
Постојат одредени дрвни видови кои можат да се користат во сауни. Таква е смрчата што е прилично отпорна на висока влажност, но слабиот мирис кој го оддава не е за секого пријатен. За разлика од неа, препознатлив е пријатниот мирис на борот, што убаво се вклопува во сауната. Во јавни сауни, честопати се користи тополата заради нејзините анти-алергични својства, и не предизвикува проблеми кај луѓе со респираторни потешкотии. Во поново време, со развојот на новите материјали од дрво, во сауните се користат и термички обработено дрво, најчесто од иглолисните дрвни видови како смрча и бор. Термички обработеното дрво е многу поотпорно на висок процент на влажност, но со обработката ги губи некои од своите природни квалитети. На дрвните површини, традиционално не се употребуваат премачкувачи, но во поново време може да се забележат некои премачкувачи, кои се употребуваат на природна база, а задолжително е дрвото да се обработи со висок степен на фина обработка.
Александар Черепналкоски, дипл.инж. по дрвна индустрија