Законот за поткуп 2010 е особено строг во однос на поткупот на странски јавни лица, и оди уште подалеку во доменот на плаќање на мали поткупи за олеснување (забрзување) на рутински владини службени дејствија, како на пример за побрзо да се издаде некој документ или слично.
На 1 јули оваа година во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска стапи на сила новиот Закон за поткуп 2010 (Bribery Act 2010). Според лордот Чанселор и Државниот секретар (министер) за правда, Кенет Кларк (Kenneth Clarke, Lord Chancellor and Secretary of State for Justice), со овој закон се врши промена и усогласување на посточките закони за поткуп кои потекнуваат од 1889 година. Според него, примарна цел на овој закон е да се направи што е можно потежок животот на малубројните организации, кои се одговорни за корупцијата, но истовремено да не се оптоварува мнозинството на чесни деловни организации кои ги почитуваат законите. Исто така, тој нагласува дека Обединетото Кралство мерките за борба против поткупот и корупцијата не ги прави самостојно, туку во координација со своите партнери во Организацијата за економска соработка и развој (OECD), Европа и Соединетите Американски Држави.
Само неколку месеци од стапување на сила на Законот, на 14 октомври Кралската обвинителна служба (Crown Prosecution Services – CPS) потврдила дека бивш судски службеник ќе биде првото лице кое на кое ќе му биде судено и ќе биде осудено според новиот "Закон за поткуп 2010". Според медиумите обвинетиот се изјаснил за виновен во однос на поткуп и несоодветно однесување во рамките на јавна служба. Имено, обвинетиот, што работел како административен службеник во магистрантски (основен) суд, признал дека побарал и примил поткуп во износ од околу 575 евра за да помогне да "исчезне" казната за брзо возење за некого. Тој, исто така, признал дека несоодветно се однесувал во рамките на јавна служба по однос на слични дела. Во моментов заинтересираните и јавноста со нетрпение ја очекуваат судската пресуда во овој случај која ќе биде изречена на 11 ноември оваа година.
Без оглед на пресудата, она што е значајно да се спомене во однос на овој судски процес и примената на Законот за поткуп 2010 е тоа дека новиот закон беше промовиран како закон кој ќе фокусира на несоодветното однсување во рамките на деловниот свет. Но, како контраст на промовирањето во првиот процес, по новот закон се суди низок јавен службеник за примање мито од само неколку стотици евра.
Инаку обвинетиот, според законот, го очекува затворска казна од најмногу 10 години, за разлика од максималната според стариот закон од 7 години, неограничена парична казна и можност за конфискација на имотот. Директори кои ќе бидат осудени според овој закон може исто така да бидат дисквалификувани од обавување на ваква функција во иднина.
Со новиот закон се дефинирани и неколку нови противзаконски дела, како на пример нудење и примање на поткуп, поткуп на странски јавни лица, но и неспречување на плаќање на поткуп во име на организација. Според последново дело, казниво е доколку не се спречи давањето на поткуп во име на оргнизацијата, без разлика дали станува збор за давање на поткуп од страна на вработен во организацијата, посредник, или пак претставништво или експозитура на истата. Коментаторите нагласуваат дека новиот закон е особено строг во однос на поткупот на странски јавни лица, и оди уште подалеку во доменот на плаќање на мали поткупи за олеснување (забрзување) на рутински владини службени дејствија, како на пример за побрзо да се издаде некој документ или слично.
Согласно Законот, британските судови ќе имаат јурисдикција над сите противзаконски дела сторени не само на територијата на Обединетото Крластво туку и надвор од територијата на земјата, доколку делото е сторено од страна на лице кое има блиски врски со Обединетото Кралство, под што се подразбира лице кое е државјанин на Обединетото Кралство или пак лице кое не е државјанин, но вообичено живее во Обединетото Кралство. Во случаи, пак, кога деловната организација не спречила давање на поткуп, горенаведените органичувања не важат. Се додека деловната организација е формирана или регистрирана во Обединетото Кралство или пак, целсоно или делумно дејствува во истото, ваквата деловна организација подлежи на јурисдикцијата на британските судови без оглед на тоа дали поткупот е понуден или даден од лице кое вообичаено не живее во земјата или не е државјанин, или пак организација која не е формирана или регистрирана во Обединетото Кралство.
За да им помогне на правните и физичките лица подобро да се запознаат со новиот закон, и да ги насочи како најдобро да го почитуваат, Министерството за правда (Ministry of Justice) издаде Водич низ Законот за поткуп 2010 (The Bribery Act 2010 Guidance) во кој преку шест принципи се дефинираат клучните процедури, кои деловните организации во земјата може да ги спроведат за да се заштитат од давање на поткуп од страна на лице кое е поврзано со деловната организација. Шесте принципи се:
1. Пропорцијалност на процедурите, во смисла на тоа дека внатрешните процедури на деловната организација, за да се заштити од давање на поткуп од страна на лице кое е поврзано со нивната организација, треба да бидат пропорционални на ризикот за поткуп на кој можат да бидат изложени и природата, обемот и комплексноста на нивните деловни активности. Притоа се очекува предложените процедури да бидат доволно јасни, практични и пристапни, и пред сè да можат ефикасно да се воведат и да се спроведат.
2. Детерминираност на највисокото раководство во деловната организација да го спречат давањето на поткуп од страна на лице кое е поврзано со организацијата. Од нив се очекува да промовираат култура на однесување во организацијата според која поткупот никогаш не е прифатлив.
3. Определбата на деловната организација да врши проценка на природата и обемот на нејзината изложеност кон потенцијални надворешни и внатрешни ризици за поткуп од страна на лица кои се поврзани со организацијата. При што од ваквата проценка на ризикот се очекува да биде периодична, добро инфрмирана и документирана.
4. Примена на принципите на совесно спроведување на постоечките процедури од страна на деловната организација, при што истата применува пропорционален пристап базиран на проценетиот ризик во однос на лица кои извршуваат или ќе извршуваат услуги во име на организацијата, а со цел да ги намалат и спречат идентифицираните ризици од поткуп.
5. Определбата на деловната организација да се разберат и спроведат нејзините насоки и процедури за заштита од поткуп во рамките на целата организација преку внатрешна и надворешна комуникација, вклучително со обука, што се пропорцинални на ризикот на кој е изложена.
6. Заложбата на деловната организација да ги надгледува и периодично прегледува процедурите за превенција од поткуп од страна на лица повразни со неа и да ги унапредува процедурите кога постои потреба од тоа.
Постоењето на процедура за спречување на поткуп, и особено за поткуп од страна на лице поврзано со орагнизацијата во рамките на една британска деловна организација е исклучително важно, со оглед на тоа што постењето на ваква процедура може да се земе за олеснителна околност во случај на судски спор. Според британското Министерство за правда, "поткупот ја поткопува демократијата и владеењето на законот, и претставува закана за континуиран економски подем во економиите во развој (developing) и оние што се пробиваат (emerging) и пошироко на соодветното функционирање на слободните пазари". Како резултат на ова, тие сметаат дека Законот за поткуп 2010 претставува одговор не само на овие закани туку и на широкиот спектар на начини на кои може да се даде поткуп. Се разбира, историјата ќе покаже во која мерка новиот закон ќе придонесе до намалување на поткупот и корупцијата на локално и глобално ниво.