Колапсот на вредносните критериуми и стандарди во транзиционите години на македонската архитектура подеднакво се одрази во двата домени на пост-социјалистичката егзистенција – приватниот и јавниот. За тоа дека овој проблем на програмската компонента на архитектурата не е потполно локален, говорат актуелните дебати во кои архитектите и стручњаците кои ја поддржуваат архитектурата како во развиениот, така и во неразвиениот свет, секој од свој ракурс го констатираат истиот генерален заклучок, дека во последните петнаесетина години архитектонската култура го напушти, или маргинализира проблемот на домувањето. Ова може да се потврди, доколку се спореди обемот на истражувања, анализи и експерименти на планерските, програмските и конструктивните аспекти во формативните години на културата на модерното движење, со современите преокупации со естетско-формалните проблеми и технологиите кои ги поддржуваат дизајнаспектите во проектантскиот процес.
Во последната декада и кај нас станбената архитектура квантитативно зазема најголем обем од целокупната архитектонска продукција. Квалитативно, амплитудата оди во спротивна насока. Од каде потекнува овој парадокс? Постои логично економско објаснување: прашањето на домувањето беше централно во модерниот проект затоа што кореспондираше со иницијативите и одговорностите на државниот апарат, со неговите планерски насоки и економските ресурси, па следствено на тоа и, со очекуваната рационална ефикасност на резултатот. Од политички аспект, модерниот проект почиваше на моќта и ингеренциите на јавната администрација – државата, општините, заедницата, кои ги спроведуваа и реализираа плановите и проектите. Во сегашните услови, ингеренциите можеби остануваат во институциите на системот, но планерско-програмските компетенции се препуштени потполно на приватната иницијатива и претприемништво, со што политиките на креирање на просторните стандарди потполно исчезнаа.
Моментално, на светскиот пазар на станбена архитектура, на кој Македонија локално му се придружува и адаптира, неколку аспекти се сметаат за клучни во организацијата на активностите на станбената градба. Првиот се однесува на продукцијата на приватните претприемачи (“девелоперс”) наменета за екстензивниот пазар на недвижности раководен од понудата и побарувачката, кој го третира домот како комодитет кој може да се обезбеди со купување, изнајмување на лизинг или преку некој друг економски механизам, во широк ранг на возможни локации, типологии, степен на опременост, па дури и симболички вредности на објектот. Овој сектор во најголем процент, насекаде во светот е раководен од слободниот пазар. Коинциденцијата на идентични модели во најоддалечените делови од светот јасно го открива карактерот на овој механизам на продукција, евидентен во парадоксалниот факт дека истиот пазар култивирал цел ранг на “локалистички“ и “регионалистички“ репертоари, воведувајќи елементи на псевдо-вернакуларна специфичност, тотално хомогена во понудените производи независно за кој дел од светот се наменети. Нудејќи избор на животни стилови и однесувања, рекламата и начинот на дистрибуција на оваа архитектонска продукција директно ја процесираат културната асимилација до психологијата на просечниот потрошувач.
Како опозициски тренд на оваа тенденција се поставува влијателното малцинство на културно чувствителната архитектонска струја, која го игнорира претходното подраче како зона на кич, шпекулации и комерцијализам.
Срамежливите обиди на поп културата да ја поддржи оваа ситуација и да го инхибира нео-конзервативизмот не дадоа некои особени резултати, бидејќи, освен алтернативната естетика и имиџ, не понуди никакви инструкции за решавање на проблемот. Во недостатокот на организирана програмска платформа, најиновативните проекти доаѓаат надвор од подрачјето на униформираниот, конформистички насочен пазар. Најчесто клиентите за таквата продукција и самите спаѓаат во “маргиналните” категории – уметници, самци, емигранти, социјални “отпадници”, за кои архитектите реагираат со иновативни предлози на неконвенционалните програмски барања. Со оглед на тоа што тие не подлежат на вообичаените станбени норми и располагаат со рестриктиран буџет, обично ја користат “модернистичката” привилегија да бидат финансирани од државни буџети или други јавни институции, наменети за корисници кои немаат можност да бираат, одбиваат или предлагаат други алтернативи. Иако не £ дава материјална сатисфакција, ваквиот тип задача го подига статусот на архитектонската струка, бидејќи, завлегувајќи во доменот на социјалниот инженеринг, далеку ги надминува компетенциите на комерцијалниот дизајнер. Контратежа на овие, се авангардните проекти, наменети за елитистичкиот вкус на поклониците на уметноста или технологијата, финансирани од екстравагантни и богати клиенти во функција на нивниот престиж. За архитектите, особено оние “брендираните”, ова е најпосакуваната ситуација, која истовремено го подигнува нивниот социјален и материјален рејтинг, но го отвора и широкото поле на креативноста и инвентивноста.
Паралелно со комерцијалната и елитистичката линија, третата развојна линија ја гледа архитектурата, а со тоа и хабитусот како интегрален дел од општите заложби за чиста, здрава и одржлива средина, па во таа функција го префрла фокусот врз алтернативните енергетски извори и сродните конструктивни модалитети. Од друга страна, проблемот на домувањето во неразвиениот свет, каде предимно се третира како обезбедување на можност за евтина и брза градба по принципот “изгради сам” и каде истовремено претставува политички, економски и хигиено-технички проблем, понира многу подлабоко во животните модалитети и открива потреба од поинаков пристап од технолошкиот. Во таков хетероген социјално-економски и културолошки контекст, се реактуализираат теоретските модели од 1960-тите, како оние на Кристофер Александер, и се надополнуваат со нови програмски модели со социјална конфигурација, како просторната синтакса на Бил Хилиер. Во отсуство на доминирачка стратегија, тие нудат алтернативни солуции за различни просторно-социјални состави, кои мора да се признае, за да профункционираат повторно претпоставуваат високоразвиена системска база.
Сите овие организациски облици на активности на станбената изградба се рефлектираат и во нашата средина, но во една испреплетена и неиздиференцирана состојба. Мали чекори напред прави приватниот сектор, кој полека го проширува асортиманот на компоненти со кои се создава пазарната основа за практична комбинаторика при формирање на станбениот простор според потребите и вкусот на корисниците. Дали е тоа вистинскиот домен на архитектурата и архитектите е прашање кое, за да добие потврден одговор, би требало да ја мобилизира струката на поширока кооперативна основа во процес кој, освен што треба да понуди широк ранг на солуции, преку влијание врз фундаменталните продукти на архитектурата во градот, треба да придонесе за надградување на свеста и културата на живеење. Во околности што ги наметнува современиот “метрополитенски” живот, пред архитектурата се отвора широко интердисциплинарно подрачје на интервенција, во кое архитектите партиципираат со концептуални алатки, кои само делумно успеваат да ја ремоделираат стварноста. За да завлезат подлабоко и да ја реконфигурираат истата таа стварност, потребна е визија, стратегија и општествена поддршка, која засега – изостанува.
(Авторката е професор на Архитектонскиот факултет во Скопје)
д-р Анета ХРИСТОВА, дипл.инг.арх.
Објавено во број 91.