Со осамостојувањето на Република Македонија од поранешната федерација,
во урбанистичкиот развој на Скопје се појавија нови предизвици, но и
нови "креатори" на градскиот простор во метрополата. Новите "креатори"
всушност само беа продолжени раце на новите економски магнати, кои беа
единствено заинтересирани да вложуваат во градежништвото преку станбено-
деловни простори. Атрактивноста на овие нови изградени содржини растеше
правопропорционално со нивното физичко доближување кон центарот на
Скопје.
Тоа беше декада на градежна експанзија од "мали размери", поради фактот што најчесто се прошируваа маркичките за градба, се наддаваа максималните коти за градба во деталните планови, и најрадикалните зафати всушност беа "пополнувања" на "празните" неизградени локации. Велам "празни" во наводници, поради фактот што претходно испланираните "празни" простори всушност никогаш не се замислени како некаква празнотија, неоформеност, или терени за идна градба. Напротив, овие неизградени, најчесто зелени површини, претставуваат свесен производ, дел од урбанистички проект, кој има недвосмислена намена во една интегрална градска средина.
Преку узурпирањето на овие "празни" простори, новосоздадениот простор радикално се деградираше и континуирано се деградира. Преку преголемата желба за повеќе квадратни метри на атрактивни локации, всушност, не остана ни првото "а" од атрактивност на тие исти локации откако неколкупати се зголеми процентот на изграденост. На тој начин, некој еднократно направил финансиски профит продавајќи го новоизградениот простор. Но, во истиот момент оној, пак, што го купил тој новоизграден простор, изгубил во самиот почеток на неговата вредност.
Уште позагрижувачка е и ситуацијата на оние што претходно живееле во релативно добро обмислен простор, во кој претходно биле запазени хуманите параметри за умерена изграденост, и коишто оддеднаш стануваат опкружени и "надјавани" од нови градби уништувајќи ги сите претходни запазени вредности за квалитетно живеење во тој простор. Жално е што никој не може да се спротивстави на ваквите тенденции во последниве две децении и што не учиме од сопствените грешки. Последнава деценија, во централното подрачје на Скопје се случува градежна експанзија во сферата на јавните објекти.
За жал, густината на изграденост уште повеќе се зголеми, а јавниот отворен простор, иако се уредува со нови партерни решенија, тој сепак се намалува. Но, што станува со останатите девет скопски општини и потребата од децентрализација на пресилниот централен урбан пол? Дали со изградбата на новите јавни објекти и уредените околни јавни простори ќе се задоволат потребите на граѓаните од сите општини?
Отсуство на минимални пешачки зони како предуслов за постоење на основна функционалност во јавните простори
Во последниве години, градежната екпанзија се проширува и кон другите општини. Но како? Дали денес го препознаваме истиот концепт на "урбаниот развој" на Дебар Маало во Тафталиџе? Дали е чудно што во некои делови од Карпош 3 или Карпош 4, денес не можеме да најдеме слободно паркинг место? Дали е нормално пешачките патеки да се преклопуваат со автомобилските? Дали е нормално да се формираат нови паркинг места на местото на поранешните тротоари? Има редица нерешени прашања и проблеми кои се лесно воочливи и за најголемите лаици, проблеми кои ја деградираат вкупната состојба на урбаниот простор. Ако се обидеме да поставиме вистинска дијагноза за урбанистичкото заболување на градот Скопје, кое трае подолг период, ќе дојдеме до повеќе заклучоци. Еден од нив е дека, исто како и кај заболувањата на луѓето, некогаш се применуваат методи на бај-пас, на ублажување на болки и слично. Урбанистичките методи за ублажување на урбаниот хаос во Скопје, исто така, ќе ги решат проблемите за многу кус период.
Ако се изградат десетици катни гаражи во централното подрчје, дали ќе се намали прометот на автомобили во центарот, или ќе се зголеми? Дали со тоа центарот ќе биде уште поголем магнет за уште поголеми метежи, и запушувања на протокот на луѓе и автомобили? Што и да се направи да се ублажат овие проблеми, само за релативно кратко време, извесно е дека ќе се почувствуваат уште поголеми проблеми во центарот, коишто ќе удрат како бумеранг. Проширувањето на булеварите е тенденција која овозможува полесен проток на автомобили, и тие автомобили ќе дојдат до центарот полесно. И, што кога ќе стигнат таму? Дали новите катни гаражи ќе бидат во таа мерка пристапни за сите заинтересирани корисници?
Колку ќе се зголеми загаденоста, бучавата во центарот со новите катни гаражи? Дали е неопходно нашиот автомобил да го паркираме на само неколку метри од нашата предвидена дестинација? Дали главниот град на државата, град којшто денес има силен прогрес во изградбата во јавната сфера, град сочинет од десет општини, град којшто наскоро ќе има милионски број на жители, може да функционира само со еден центар? Дали е доволен само еден центар за Скопје? Можни решенија за пофункционален јавен отворен простор Верувам дека сите овие претходни прашања се прашања кои си ги поставуваат повеќето колеги урбанисти, луѓето што го управуваат градскиот простор и, конечно, граѓаните како корисници на јавниот простор. Ако се сложиме дека:" да, потребни ни се повеќе центри за да ја опслужат метрополата", во тој случај треба да се нагласи дека има многу значајни параметри кои треба да се земат предвид со цел вистински и долгорочно да се реши овој проблем.
• Функционална патна инфраструктура која треба квалитетно да ги поврзе меѓусебно градските квартови и општините
Овој параметар всушност има за цел да овозможи непречени услови за оптимален урбан развој на сите населени делови на Скопје. Квалитетната патна мрежа би имала за цел и да ги поврзе меѓусебно сите локални центри од градот. Со една квалитетна патна инфрастуктура, и планското ширење на градот би било полесно изводливо.
• Формирање на локални центри од втор и трет степен
Овие центри ќе овозможат независно и автономно функционирање на градските четврти и општините во целина. Со самиот факт дека новите центри ќе понудат голем број јавни содржини за граѓаните, главниот центар на Скопје ќе биде значително помалку оптоварен.
• Задоволување на потребите на граѓаните во согласност со контекстот на секоја општина или градски кварт
Многу е важно секоја содржина која ќе биде вклучена во новите центри, да биде соодветна на секој кварт и општина и да содејствува со уникатните контекстуални параметри на секој населен урбан дел. Оваа содржинска уникатност на потенцијалните нови центри ќе овозможи и формирање на нови идентитети и зајакнување на посточеките особености на секоја општина или кварт. Ќе овозможи граѓаните, за секоја обврска или потреба од кој било карактер, да не одат единствено во актуелно единствениот центар на градот.
Главниот центар и треба да остане главен во петостепената хиерархија на градски центри, и на тој начин и овој центар ќе може да биде и поотворен за развој на туризмот. Поради намалената фреквенција на граѓани од останатите делови на градот, овој центар ќе може да го задржи и својот актуелен периметар. Односно, центарот би останал во рамките на постоечкиот периметар и не би узурпирал простор од соседните општини, туку соседните општини би имале свои центри кои би кореспондирале со своите потреби.
Со формирање на новите центри ќе се избегнат сите краткорочни решенија за "пополнувања на празнините", кои имаат несогледливо негативни последици не само за центарот на Скопје туку и за целиот град. Исто така, ќе се овозможи сепак да останат недопрени оние неизградени градски површини, кои смислено се оставени како такви и конечно ќе овозможат да го воспримиме самиот град. Бидејќи градот, дури и да има совршена архитектура, ако урбанистот не остави соодветен простор да се согледа и восприми таа архитектура, совршенството автоматски губи од својата вредност. Имено, една од позначајните функции на урбанистот е всушност да ги заштити изградените форми и свесно неизградените површини, креирајќи една кохерентна и естетско-функционална слика.
доц.д-р арх. Александар Андовски,
Архитектонски факултет – ФОН Универзитет