Насловна / Архитектура / Швајцарска архитектура во Скопје

Швајцарска архитектура во Скопје

svajcarska-arh-vo-skopje-2.jpgМакедонската публика овој месец имаше уште една ретка можност да
присуствува на предавањето на познатиот швајцарски архитект Аурелио
Галфети, кое се одржа во рамки на Недела на италијанскиот јазик во
Скопје. Како еден од главните претставници на таканаречената
Тичино-архитектура на 20 век, Галфети раскажа за историјата на
швајцарската архитектура и за архитектите што потекнуваат од оваа земја.

 

– Во минатото, голем број Швајцарци се иселиле од оваа земја и заминале во други краишта. Меѓу нив имало и архитекти, кои станале успешни и славни – вели Галфети, додавајќи дека често се случувало таквите преселби да се прават во соседна Италија. Меѓу познатите архитекти со швајцарско потекло, на кои се осврна, беше и архитектот Марио Бота, кој исто така се поврзува со архитектурата на регионот Тичино во Швајцарија.

 

Неговите идеи во архитектурата биле под влијание на Ле Корбизје, Карло Скарпа и Луис Кан, а првата градба што ја дизајнирал е семејната куќа во Морбио Супериоре во Тичино, и тоа на шеснаесетгодишна возраст. За неговиот архитектонски јазик е карактеристично тоа што содржи строго чувство на геометрија, често базирајќи се на многу едноставни облици, кои се претвораат во уникатни волумени на просторот. Објектите се направени од тула, а начинот на кој ги користи материјалите и како ги поврзува е уникатен.

 

svajcarska-arh-vo-skopje-1.jpg

 

Типичниот стил на Бота, најмногу може да се забележи во куќите од регионот Тичино, катедралата во Еври и во Музејот на современа уметност во Сан Франциско. Од религиозните градби, негов дизајн се Синагогата и Центарот за еврејско наследство во Лондон. Аурелио Галфети во еден преиод од својата кариера соработувал токму со Марио Бота. Тие заедно ја оформиле Академијата за архитектура во Мендрисио. Како и Бота, така и Галфети има оставено многу архитектонски остварувања зад себе. Впрочем, на крајот од своето излагање во Скопје, тој се осврна токму на нив. Негови најголеми дела се семејното живеалиште во Роталинти, во Белинцона, Швајцарија, Главната пошта во Белинцона, како и рестврацијата на Големиот замок, исто така во Белинцона.

 

Kате Антевск

Испрати коментар

Scroll To Top