Мојот брат Микша, многу одмна посака да си замине од Скопје. Тој млад и зелен направи кружно патување околу светот. Децата пораснаа и одлетаа. Со нив остана само сугарето што сонува вработување со години. Многу вода протече низ Вардар, а Скопје се измени и нарасна без квасец. Одамна секна бизнисот, ги снема пријателите што секој ден идеа на кафе. Откако ги подмири долговите, ги врати кредитите, еден убав ден ја затвори фирмата и сети олеснување на душата.
И додека како пензионер седеше на троножник на балконот, убава мисла го однесе во родното место. Пред очите му се мрешкаа спомените од старата куќа и воздишка му се откорна од душата. Кичево, каде што ги помина безгрижните години на младоста, го довикуваше да му се врати. Тие денови сонуваше со отворени очи. Можеше да изгради или да купи куќа во пазувите на планината на светулките, родното место на неговата мајка. Внатрешниот глас му шепотеше да се врати во питомото полско село на татко му. Во Миокази, таму каде што скришум како дете идеше, да ги види своите претци…
Секоја стогодишна куќа има убави и тажни години во животот. Старата куќа, памети еден маж, трудна жена и дете на пат кон градот. По преселбите градот растеше, а селото осамено згасна во сенката на двата мермерни ридови. Сретсело стари подгрбавени куќи, градени од кал, слама и речен камен. Куќа со пондила за стоката и две соби на кат со чардак. Зимата јаде и остава длабоки бразди врз лицето на напуштените куќи. Доволно е да напукнат неколку ќерамиди, да протече вода по ѕидовите и куќата умира простум со немушта молитва во слепи прозорци. Тажно и грдо е лицето на куќите осудени на забот на времето. Штом падне ѕид, се гледа утробата на куќата. Дрвен кревет кој крцка на ветар, ношви, тарун, разбој со пајажина, дулиња подадени за душа и слики без рамка. Огништето гасне последно, а од него никнува тажна врба за свирче што расте низ каменот. Гнездата во куќите на една нога, птиците ги напуштаат последни. Во нив остануваат песните, приказните и чудата од детството. Му се допадна куќата на крстопат, на западната порта од селото. Наблизу самува куќата на татко му, со дрвена ограда, катанец, ружи и камен за молитва. Куќата што молчи, пуста, празна без живот, се смалува нагризана од забот на времето… Мајстор Мевљудин од Челопеци има златни раце и големо срце. Доста е да кажеш што сакаш, а тој ќе се подума и почнува со работа од утро до мрак. Полека, мекам, со муабет и бесконечна милост, со денови висеше врзан со јаже на покривот, додека ги смени ќерамидите. Откако тури капа на куќата и заштита од дождиви, тргна со обнова на фасадата. Секоја куќа си има лице и опачина, велеше мајстор Мевљудин. Мистријата во неговите раце беше волшебна. Тој му спремаше и додаваше малтер, за побрзо да оди работата. Мајсторот како да ги читаше неговите мисли и однапред знаеше што треба да направи. Тие денови се заврза здраво пријателство меѓу двајцата возрасни мажи. И пред нивните очи почна да расте убава, современа и модерна куќа, што не оставаше рамнодушен минувач. Застануваа намерници да кажат аирлија работа, ама никој не фати лопата или копач да помогне. Сите се огледуваа во старата куќа како во огледало и расправаа како би ги обновиле фасадата, баџата, ѕидовите. И тогаш, мајстор Мевљудин раскажа приказна за човекот, детето и магарето, со наравоучение дека на луѓето никогаш не може да им се погоди и точка.
Преобразбата на старата куќа во живеалиште траеше едно лето со непроспани ноќи. Беспарицата како сенка секогаш одеше пред него и зад него. Мажите како возрасни деца, градат куќа или кокошарник за да се додворат на сопствената жена. Тоа значи исконска потреба за докажување и градење на гнездо за себе и семејството. Куќа за внуците, роднините и пријателите. Еднаш во живот правиш куќа и треба да ја споделиш радоста. Тој е своетлија, не е дивјак како други, напротив, сака да му дојдат гости, да ги нахрани, напие, дочека и испрати со здравје и со добро. Братучедот им го даде клучот од неговата куќа. Жената му, што и овде ја викаа на машко име, од првиот ден се запрета во кујната покрај огнот. Низ куќата што растеше летаа лебови, зелници, питулици, погачи, манџи, грав и прочуен компир од Миокази, прсти да изедеш. Првата вечер, по многу денови што ги преспа во нивната куќата, капнат од умор, му се виде незаборавна. И сонуваше чуден сон во кој татко му Фитко, го поздрави со обете раце од мермерниот рид над село. И ден-денеска тоа место го викаат Фитков рблак во спомен на татко му и побратимот Турче од преку река, што оставиле трага во животот.
И Силјан Штркот на пролет се враќа во Миокази без деца. Штрковите од Африка носат ситни сипаници само за малата Марија, единствено дете во Миокази. И секој ден овде личи како јајце на јајце под небескиот вршник на тишината. Одамна се затвори рудникот за мермер, наблизу до селото. Додека работеше рудникот, црвениот мермер од Миокази патуваше по светот. И поновите куќи во селото ѕидани се од тајфите од Гари со мермер. Одамна овде нашите печалбари, фурнаџии од рамна Војводина, донесоа ѕидани амбари, налик на кули за одбрана на селото. Амбарите на два ката во основата се ѕидани од камен, четири дебели ѕидови без врата со око, светларник и камени скали одвнатре. Над камената основа од дрво и цигла, соба со поглед на сите четири страни, налик на пушкарница. Покривот на амбарот на четири стреи и подвижни дрвени скали за качување во амбарот. Навечер скалите се креваат на кат за сигурност од натрапници. Во амбарот може да се преспие после работа со сладок сон како ливадски мед. Братучедот имаше најубав амбар во Миокази, арно ама го сруши и си изгради гаража за колата од сто коња.
Фитков рид
На чардакот под сенката на црвени пиперки се пие најубаво кафе. Под ведрото небо на двете мермерни планини летаат птици. Во селото под сенките, седат последните селани и го превртуваат векот од лице и опачина. Жените си имаат вечна тема за муабет, дали ливадите се стрижени или бричени. Овде на пладневната жега штурците пејат бесконечна песна. Во подрумот на летната кујна секогаш е свежо за пладневна дремка пред телевизор. Помладите штом дојдат од работа во градот, трчаат низ дабовата шума и збираат вргањи, јајчарки и лисичарки за продажба. Секој пред себеси има желка на која е врежана мапата со скришните места на печурките. Дангараџија дедо Зоре порано скришум им ставал камчиња во џебот на децата додека им раскажувал приказна за змејот и невестата. Еден камен белутрак во Џумбулец, молитвеник за младешки желби. Ноќеска пак лајат кучињата што ја бркаат дивината и за сува корка леб го чуваат Миокази.
На белиот ѕид од обновената куќа, тој напиша СЕЛСКА КУЌА „ФИТКО“. Утрово виде и пресече дренов бастум за трета нога на старост…
МИОКАЗИ
… И Римјаните со големите тела
дошле овде по трнливи стази и
мудро запишале – tera est stela
од камен миљоказ до Миокази
Низ црвена пирамида мермер
како забот умник расте зборот
во пештерата спие змејот звер
што ги краде невестите од оро
О Миокази куќо на еден дирек
ѕидана од ума, мермер и слама
низ огниште расте жилав пиреј
догорува коренот, жива гламна
Татко ми издлаби рблак за вода
за жеден пастир човечка трага
а јас сакав со македонски збор
да најдам утеха во човечка тага
Глуво штркоцвеќе врти на ветар
песочната тврдина тече низ река
во прегратка од црвен мермер
Миокази стрпливо чека… Живко Новески
*Објавена во книгата „Ума земја“
Пишува: Живко Новески
Фото: Милован Новески
Prekrasna storija za prekrsni lugje.Ne vrati vo detstvo, nabliknaa spomeni od staroto rodno og
ogniste i od dragi lugje sto ostavile tragi vo Nasite srca. Cestitki i golema blagodarnost za avtorot
sto ja prenese ovaa vistina niz slika i zbor so mnogu ljubov i emocii.Pozdrav do sem.Noveski.