Насловна / Вести / Новото училиште во Капиштец и Центар како зелена општина – главни приоритети на општината Центар за 2016

Новото училиште во Капиштец и Центар како зелена општина – главни приоритети на општината Центар за 2016

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски и директорот на ЈП „ПОЦ“ Саша Богдановиќ, денеска на прес-конференција дадоа отчет за сработеното во 2015-та и говореа за фокусот и приоритетите во 2016 година.

Минатата година, оцени градоначалникот Жерновски, беше успешна и исполнета. Јасните приоритети се доследно реализирани.

Zernovski - Bogdanovic - 13.1 (3)

„Се погриживме да создадеме подобри услови за младите и децата, кои се симбол на нашата иднина. Реконструирани се првиот и вториот блок на градинката ’13-ти Ноември’, која сега е современ, енергетски ефикасен објект, изграден од најквалитетни еколошки материјали. Капитална инвестиција е изградбата на детската градинка ‘Кочо Рацин’, која е еден од најсовремените објекти во регионот. За најмладите да уживаат во безгрижно детство, изградивме две детски игралишта на Кале и Градски ѕид. Општина Центар го доделува највисокиот надомест за новороденчиња во Р. Македонија, во износ од 7.000 денари“, рече Жерновски.

Градоначалникот посочи дека е организирана и „Лига Центар“, која овозможи доделување на стипендии на 8-те најдобри спортисти, парична помош за спортските клубови и успешните спортисти и двете нови реконструирани игралишта во населбата Пролет и Паркот на Франкофонијата.

Реконструирани се 11 улици, по 15 години просторот кај Билна аптека доби комплетно нов лик, на „Јоаким Крчовски“ изградена е нова пјацета. Како ветено, а сработено, Жерновски ги наброја читалната „Ацо Шопов“, Канцеларијата за млади, Сервисот за грижа на стари лица „Нега +“, проектот „Цел Центар на точак“.

Еден од приоритетите беше и останува садење на зеленилото на територија на општина Центар, направени се три нови паркови, засадени 300 нови дрвја, 7.000 грмушки и 3.000 цветни расади. Две згради добија енергетско-ефикасни фасади, а значаен проект е и „Зона 30“, т.е. ограничување на брзината на движење во Дебар Маало на 30 км/ч.

Образованието и грижата за најмладите остануваат приоритет за општина Центар и за 2016 година. Ќе се реновираат постоечките училишта, по расчистувањето, ќе започне и изградбата на новото основно училиште во населбата Капиштец, семејниот буџет ќе биде растеретен од средствата за еднодневна екскурзија и за обезбедување на објектите во основните училишта, како и за часовите по англиски јазик и физичко воспитување во градинките.

Во 2016 година ќе се доградат училници во основното училиште „Гоце Делчев“ и ќе биде поставена нова фасадна столарија во ООУ „Димитар Миладинов“. Во 2016-та општина Центар продолжува со изградба на тротоари, коловози, пешачки и велосипедски патеки. Ќе се реконструира атмосферската, фекалната и водоводната мрежа. Наскоро почнува вториот дел од Боемска улица, од „Идадија“ до ООУ „Коле Неделковски“, а фокусот на реконструкција на улиците ќе  биде во три населби: Маџир Маало, Долно Водно и Тасино чешмиче.

Општина Центар, рече градоначалникот Жерновски, ќе го заслужи епитетот „Центар – зелена општина“, со уредување на еко-катчиња, уредување на зеленилото кај Зелен пазар и кај Француски културен центар, меѓу зградите на улицата „Рузвелтова“ и на улицата „Питу Гули“, во близина на Полската амбасада.

Четири згради во 2016-та ќе добијат нови фасади, а во рамките на проектот „Цел Центар на точак“, 1.000 граѓани ќе добијат субвенции за нов велосипед а општина Центар ќе набави специјални возила и машини за машинско чистење на улиците.

Zernovski - Bogdanovic - 13.1 (2)

Директорот на ЈП „ПОЦ“ Саша Богдановиќ, најави дека во оваа година општината ќе го започне проектот „1.000 нови паркинг места“, со цел подобрување на условите за паркирање.

Ќе се формира координативно тело, составено од претставници на ЈП „ПОЦ“ и општина Центар, кое ќе дава предлози за организација на просторот на улиците во секое населено место. Цел е да се обезбеди доволно место за паралелно паркирање и да се ослободат тротоарите за пешаци и велосипедисти.

Планирана е изградба на четири монтажни гаражи и реконструкција и враќање во употреба на подземни гаражи.

„Очекуваме уште поуспешна година и поуспешна соработка со МВР и институциите“, рече Богдановиќ.

Тој потсети дека во 2015-та се направени значајни промени и подобрување на состојбата. Неколку улици, како што се „Црвена вода“, „Мајаковски“ и „Благој Давков“ станаа резидентни. Сите жители на Центар имаат право на „М Карта“, со зголемени часови за гости од 30 на 90 часови, а деловните субјекти добиваат бизнис мобилна карта, со пет паркинг места.

Улицата „Пролет“ е уредена со пешачки патеки, столпчиња и огради, со што се зголеми слободното движење и се спречи дивото паркирање.

Работното време на отворените паркиралишта, од понеделник до петок е до 22.00 часот, во сабота – до 15.00 часот, а за државните празници, паркинзите се слободни за сите.

Испрати коментар

Scroll To Top