Дизајнeрското студио IA Architects во соработка со Lundberg Design е автор на ентериерот на новото седиште на популарната социјална мрежа Тwitter во Сан Франциско. Канцелариите се наоѓаат во зграда изградена во арт деко стил во 1937 година, а во која претходно била сместена продавница за мебел.
Пренаменетиот простор е отворен до максимум, така што во големите простори, меѓу останатoтo, се сместени и конференциски сали, сала за вежбање, студио за јога, соби за игри и соба за одмор. Заштитниот знак на брендот, мала птица, се појавува на различни елементи во ентериерот, а просторот обединува уште еден симбол – симбол на гранка што во разни визуелни верзии се провлекува во целиот декор и преку дрвената облога на внатрешноста.
Персоналот на компанијата Twitter има на располагање пространо кафуле, каде што за конзумација имаат се што тие ќе посакаат. Кафулето со големи стаклени панели е одделено од отворената тераса со поглед на градот, а која во сончевите и топли денови е преполна со вработените.