Во средата навечер во северниот германски пристанишен град Хамбург, по повеќегодишно градење и скандали околу трошоците што на крајот десеткратно се зголемија, со присуство на државниот врв беше отворено едно од современите архитектонски чуда на денешницата, Филхармонијата на Елба (Elbphilharmonie).
„Толку сме одушевени од акустиката во оваа сала, што сме убедени дека станува збор за најдобрата концертна сала на светот“, изјави за медиумите пред отворањето главниот музички директор на Хамбург, диригентот Кент Нагано.
Филхармонијата на Елба се градеше повеќе од десет години и нејзиното градење беше следено со многубројни скандали околу финансирањето. Првично, трошоците за проектот на швајцарското архитектонско биро „Herzog&Meuron“ требаше да изнесуваат 77 милиони евра. На крајот цената се зголеми повеќе од десет пати, така што крајните трошоци изнесуваа 789 милиони евра.
Стручњаците енормно високата цена ја поврзуваат со фактот што во текот на градењето се одело на индивидуални решенија, а не на индустриски произведени компоненти, а уникатната акустика на салата требало да биде заштитена од буката во доста прометното пристаниште во кое се наоѓа, што се покажало како многу сложена идеја. Во комплексот на зградата, којашто е изградена на темелите на стар силос и чиј горен дел потсетува на едра на галија, се наоѓа и хотел и комплекс луксузни станови, во коишто исто така не смеат да допираат и звуците од концертната сала.
Целата сала се вклопува во амбиентот на новото пристанишно шеталиште, коешто минатата година го проектираше славната ирачко-британска архитектка Заха Хадид.
Градоначалникот – премиер на Хамбург, кој има статус на град сојузна покраина, Олаф Шолц, појаснува дека поранешните градски власти се одговорни за незадоволството на жителите во врска со драстичното зголемување на трошоците за градењето. „Процената на трошоците од самиот почеток не беше реална“, вели Шолц.
Со отворањето на Филхармонијата на Елба, Хамбург се надева и на нови импулси во туризмот. Реномираниот американски дневен весник The New York Times го вброи Хамбург како единствениот град во Германија кој оваа година треба да биде посетен, а како една од главните причини за тоа е наведена и токму новата зграда на филхармонијата.
Од светското реноме на новата концертна сала, нови поттици очекуваат и разните здруженија на германските музички уметници. „Филхармонијата на Елба со својата архитектура и понуда ќе ги привлече и оние граѓани кои досега немале многу контакти со класичната музика“, оценува Џералд Мертенс, директор на Германското здружение на оркестарските музичари.
За интересот на граѓаните за новата филхармонија сведочи и податокот дека влезниците за сите концерти во оваа сезона се веќе распродадени.