Сликата со запуштени, диви грмушки, исушена трева, денеска е заменета со нова, на која се гледа трева со најдобар квалитет, зимзелени грмушки и високи садници.
Плочникот во Градски sид, зад поранешна „Агромеханика“, сега е нова, зелена оаза сред бетонот и со доаѓањето на пролетта ќе биде идеално и мирно место за дружење и рекреација на околните станари и посетителите.
Општина Центар целосно го реконструираше зеленилото во, до вчера, запуштените жардиниери кои се наоѓаат на платото опкружено со високи станбени комплекси.
Овој дел сега е модерно, разиграно и необично хортикултурно уреден. Високите садници се скулптурални и високо декоративни, а перените и граминеите внесуваат бои во различи периоди од годината. Околу групациите, подигнати на различни нивоа, поставен е темен бусен и засадени се 6500 растенија, на површина од над 1070 м2.
Во помалите жардиниери засадени се зимзелени грмушки и листопадни ползавци кои ја менуваат бојата.
Поставен е нов, автоматски систем за наводнување на жардиниерите, кој овозможува навремено наводнување и повитален раст и развој на зеленилото.
Претходно, општина Центар стави и ново, современо детско игралиште на овој простор, со вкупна површина од 250 м2, наменето за деца на возраст од 3 до 11 години. Игралиштето беше поставено на барање на граѓаните.
Комплексот е надополнет и со урбана опрема, канти за отпадоци и клупи.