На симболичен начин со шут кон голот градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, го означија официјалното пуштање во употреба на новото повеќенаменско спортско игралиште наменето за граѓаните на Реонски центар Аеродром.
На спортското игралиште ќе може да се игра ракомет, фудбал и кошарка. Вкупната површина на повеќенаменското игралиште заедно со обиколната патека изнесува 1.300 квадратни метри и содржи два гола за мал фудбал и ракомет, како и четири коша.
Ова е дел од проектот „100 повеќенаменски игралишта” како инвестиција на Владата на Република Македонија, а исто така и Општина Аеродром до сега има изградено повеќе од 20 вакви повеќенаменски спортски игралишта.
Игралиштето е оградено со транспарентна жичана ограда висока шест метри и е целосно осветлено за да може рекреативно да се користи и во вечерните часови.
Исто така, предвиден е паркинг-простор за околу 20 возила, а дворот на училиштето е партерно уреден со пешачки патеки, клупи за седење и канти за отпадоци, како и тревници, цвеќиња и друг вид хортикултурно уредување поврзано со автоматски систем за наводнување.