Новиот зимски комплекс на руската станица „Восток“ на Антарктикот е пуштен во употреба. За него е подготвен научен проект 18 години однапред.
Проектот ќе биде поврзан со проучување на климатските промени на планетата, истражување на древниот мраз стар 1,5 милиони години и езерото „Восток“, кое се наоѓа на длабочина од околу четири километри под ледената покривка на Антарктикот. „Восток“ има многу задачи, вклучително и следење на сончевата активност и други промени во вселената кои влијаат и на технологијата и на луѓето, како и проучување на улогата на Антарктикот во глобалните климатски промени. Овде е можно да се проучува климата, магнетното поле на Земјата, да се прават метеоролошки и геофизички набљудувања.
Поларната станица „Восток“ е единствената руска станица која се наоѓа во центарот на континентот. Истоимениот зимски комплекс е првата модерна зграда во светот изградена на Јужниот Пол.
Денес, пет руски научни станици работат на континентот во текот на целата година, а станицата „Восток“ е најјужната. Во овој случај, зборот „јужна“ има сосема поинакво значење отколку во северните географски широчини. Југот на Антарктикот е суров, условите се екстремни – во август, најстудениот месец во годината во овој регион, температурите достигнуваат до минус 80 степени, додека Константин Зајцев, потпретседател на Здружението на поларни истражувачи, забележува дека се спуштиле и на минус 89 Целзиусови степени. Според него, „Восток“ е најтешката истражувачка станица од сите арктички и антарктички станици во однос на условите за работа.
„Поради тоа, се разбира, и поради луѓето кои работат во вакви сурови климатски услови, потребно е да се создадат најдобри услови за работа, а денес овој комплекс нуди токму таква можност“, посочува експертот.
Станицата „Восток“ е основана во 1957 година и се наоѓа на 3.500 метри надморска височина. Условите овде се навистина екстремни – ниско ниво на кислород, екстремно сув воздух, силно ултравиолетово зрачење, како и пет месеци целосен мрак – поларната ноќ.
Во такви услови работат и се спроведуваат големи истражувачки програми, што е навистина голем подвиг.
Зајцев напоменува дека во зима на Антарктикот работат во просек 110 поларни истражувачи и други експерти, а во лето – кога температурите достигнуваат од минус 25 до минус 40 степени – има двојно повеќе.
„Значи, ако во новиот комплекс може да се сместат од 15 до 17 луѓе во зима, тогаш околу 35 до 37 луѓе ќе можат да работат во текот на сезоната и тоа во сосема нормални услови за работа. Значи, сезонските научници доаѓаат и работат во текот на летниот период. Покрај научниците, има и технички експерти кои поправаат, склопуваат, модифицираат нешто, а потоа заминуваат, а остануваат научниците кои вршат набљудувања долго време и ги пренесуваат овие податоци на континентот“, објаснува Зајцев.
Новиот комплекс е модуларна структура од пет блока, со површина од повеќе од 3.000 квадратни метри. Во два станбени блока има лаборатории, простории за научници, кујна, трпезарија, простор за рекреација, теретана, сауна, медицински центар со операциона сала.
Во два инженерски блока има котлари, магацини, електрични панели со генератор. Петтиот блок содржи гаража, работилница и топилница за снег.
Комплексот е добро „завиткан“ – изолацијата од минерална волна е со дебелина до 95 центиметри, фасадата е изработена од композитни панели отпорни на екстремни мразеви. Тука е и сета друга потребна опрема: греење, вентилација, снабдување со енергија и вода, руско производство.
Првите згради, дури и оние од малку подоцнежен датум, се делумно или целосно затрупани од снег, но со новата станица ситуацијата е поинаква.
„Новата станица се наоѓа на рид, стои на специјални потпори кои овозможуваат ветерот да помине без да нанесе снег. Во овој поглед, таа е заштитен и не може да дојде до затрупување“, објаснува Зајцев.
Како живеат и работат поларните научници
Зимскиот комплекс на станицата „Восток“ е првата модерна зграда во светот изградена на Јужниот пол на Земјата. Денес, Русија има најголемо претставништво на Антарктикот – вкупно 10 станици. Пет за работа во текот на цела година и пет сезонски. Повеќето од нив се наоѓаат на брегот. „Восток“ е единствената станица која се наоѓа во центарот на континентот во близина на Јужниот геомагнетен пол на Земјата, на околу 1.500 километри од брегот.
Од брегот до станицата се стигнува со специјални возила со гасеници, наменети за непристапен и со лед окован терен. Овие возила превезуваат и опрема, гориво, храна и научна опрема.
Вистински подвиг е да се стигне таму – од Санкт Петербург до брегот на Антарктикот се стигнува со брод, а научниците се враќаат или со брод или авион, во зависност од локацијата на станицата каде што работеле.
Според Зајцев, научниците поминуваат една година на станицата, а потоа има промена – „старите заминуваат, нови доаѓаат“.
На Антарктикот нема локални жители – домаќините се пингвини – па за тоа време научниците на ограничен простор гледаат само неколку свои колеги, готвачи и лекари, кои ја пружат потребната помош во случај на потреба, вели Зајцев.
Сепак, на станицата „Восток“ работи и интернетот, што е од големо значење, додава експертот.
„Мислам дека сега комуникацијата е една од најважните компоненти во спроведувањето на истражувањето, бидејќи овозможува, од една страна, пренос на податоци, а од друга – комуникација со семејството, кога ќе се укаже прилика. Многу значи да се видат лицата на роднините, бидејќи ја ублажува тензијата што може да постои“, вели Зајцев.
Рускиот претседател Владимир Путин ја истакна важноста на новиот комплекс за Русија и нејзините сојузнички земји, нагласувајќи дека во истражувањето и развојот на Антарктикот, руските истражувачи се и пионери и заземаат едно од клучните места.
Според неговите зборови, новиот руски комплекс на Антарктикот ќе стане отворена платформа за научници од различни земји и ќе ги зајакне научните програми на Русија и Белорусија, ќе стане отворена платформа за решавање на актуелните проблеми во областа на проучувањето на природата и животната средина.