Со почетокот на Новата година, во ЕУ стапи на сила забраната за користење на хемикалијата „бисфенол А“ во термалната хартија. Инаку, оваа хемикалија е идентификувана како супстанца „која предизвикува висока загриженост“ (Substances of Very High Concern – SVHC), а на неа највеќе с еизложени вработените во продавниците, кои во текот на целото работно време, секојдневно се во контакт со фискалните сметки. Освен во фискалните сметки, ја има и во другите видови на термална хартија, односно слипови од банкомати, потврди за плаќање, ливчиња со броеви за ред за чекање и сл. ALHem во 2017 година спроведе истражување за тоа колку е присутна оваа супстанца во термалната хартија, хартиената и пластичната амбалажа за храна и сл. Резултатите покажале дека концентрацијата на хемикалијата била во опсегот од 0,62 дo 0,91%, а дозволената вредност е 0,02%. Само во еден примерок, односно фискална сметка, не било најдено присуство на оваа супстанца. Станува збор за трговски ланец во Шведска.
Инаку, веќе е докажано дека оваа супстанца е токсична и предизвикува здравствени проблеми, а преку контакт со кожата може да стигне во организмот и да влијае врз развојот на плодот, како и работата на хормонскиот систем, да доведе до респираторни проблеми и проблеми со кожата. Станува збор за една од најкомерцијалните хемикалии во светот, која се произведува во големи количини, а се користи и во производството на поликарбонатната пластика. Ја има во рамките од очилата, кај спортските реквизити, како и кај пластичните шишиња за повеќекратна употреба. Сепак, забраната засега се однесува само на термалната хартија, откако претходно се запре нејзината употреба кај садовите за исхрана на бебиња.