Магистерскиот труд на кандидатот Енис Хоџа, изработен под менторство на професор д-р Минас Бакалчев, со наслов Обновување на станбените фрагменти на примерот на Ново Маало, Скопје, е воден од тезата дека, современите градови се составени од мноштво фрагменти од различни времиња и различни социјално-културни заднини, па така се наметнува и прашањето дали во еден град кој подлегнал на глобализацијата и модернизацијата на современото време може да се интерполираат фрагменти од традиционалното?
Како елементи кои го трасираат патот до изработката на оваа магистерска тема, се јавува идејата да се вметнат што повеќе фрагменти од минатото, и оваа градска четврт во центарот на градот во што поголема мера да потсетува на Скопје од минатото, но сепак во една модерна интерпретација. Елементите што се црпат од минатото и се интерполираат на оваа локација се: вметнување на ниска станбена текстура интерпретирана преку типот на повеќедворни куќи, кои истовремено овозможуваат и враќање на социокултурниот елемент на домување во „заедница“.
Нуклеус фамилија не е самата по себе животна социјална форма. Се до пред неколку години, човековото општество беше базирано на екстензивната фамилија, фамилија на најмалку три генерации, со родители, деца, внуци, чичковци, тетки и братучеди, сите живеат заедно во едноставно или слободно, здружено многукратно домаќинство. Но денес луѓето патуваат стотици километри за да се оженат, да се стекнат со образование и да работат.
Во аналитичкиот дел на овој труд детално се анализирани различни видови на куќи и домување од најразлични временски рамки. Така се црпат знаења од антиката преку куќите во Пиреја и Олимп, во светски рамки, како и од антиката во Македонија преку анализа на куќите во Стоби и Хераклеа. Се црпат знаења и од традиционалната македонска куќа преку примерот на охридската куќа „хангар“. Исто така, во овој аналитички дел се разгледани и примери од модерната архитектура, како повеќедворните куќи од Лима, Перу како и куќата Азума на јапонскиот архитект Тадао Андо.
Во вториот дел на трудот е анализирана пошироката и потесната околина на локацијата, како и морфолошката и структуралната конфигурација на самата локација. Детално се анализирани постојните објекти, нивната диспозиција кон улицата, диспозицијата на објектот во парцелата, структурата на населението што домува во моментов на оваа локација, а исто така направен е и историски осврт на маалото.
Третиот дел, пак, го објаснува решението што се предлага за овој дел од градот и целите што треба да се постигнат. Како важни сегменти во решението се јавуваат неколку од мострите на Кристофер Александер, кои би придонеле за поголема удобност и функционалност на решението, па така во средиштето, во суштината на ова решение, се поставува фамилијата како главен и водечки сегмент, поставувањето на објектите во помали групи во рамките на маалото, со што драстично се зголемува чувството на припадност почнувајќи од маалото, блокот па се до куќата и фамилијата. Исто така се вметнуваат и голем број на зелени површини како јавни, достапни за сите граѓани, така и приватни во рамките на атриумите и кровните градини.
Како противтежа на овие куќи, на одредени позиции се поставуваат вертикални елементи со компатибилни и јавни намени, со што се надополнува ликот на модерно и софистицирано решение. Како содржини, кои како дополнување се јавуваат во кулите се соби за привремено сместување, студентски соби, библиотека, инфо-центар, ателјеа за архитекти и уметници и сл. Во партерот, пак, се јавуваат поголем број површини за социјализација и дружење како спортски терени за кошарка, одбојка на песок, постаменти за привремено и трајно поставување на скулптури изработени во локалните ателјеа, кои распоредени во партерот претставуваат мала отворена уметничка поставка. Предвиден е, исто така, и мал пазар со режимско работење како и јавни паркинг простори за гостите во ова маало.
Желбата да се создаде од Ново Маало една оаза која во центарот на градот би овозможила едно несекојдневно градско живеење во услови на експанзија на главниот град, може да се постигне со поставувањето на вакво ретко градско ткаење сочинето од ниска едносемејна станбена структура. Со ваквиот невообичаен потег би се задржале квалитетите што постоеле и постојат на ова делче од градот. Со одредени елементи се овозможува да се зачува автентичноста на ова маало, но истовремено на неговите жители им се овозможува да живеат во објекти кои ја претставуваат модерната архитектура, со модерни концепти кои во никој поглед не заостануваат зад современите начини на домување.
Со ваквиот концепт им се овозможува на жителите на Скопје да живеат во центарот на градот, во непосредна близина на сите градски случувања, а истовремено да бидат изолирани од градскиот метеж, градската врева и пренаселеност.
Fali zelenilo
Бидејќи се уште населбата Пролет нема нов урбанистички план,а како најстара населба и влез на Скопје,во име на сите жители на населбата,би ве замолил како Редакција да ангажирате некој од Вашите инженери – проектанти надворешни соработници,да изработи план – идејно решение, со кое населбата Пролет би постанала една од најубавите населби во Скопје.