Еден од највлијателните архитекти на нашето време – Френк Гери, ја дизајнираше новата импресивна зграда во Сиднеј, во која ќе биде лоцирана UTS Business School. На тој начин, и Сиднеј се приклучи на градовите како што се Лос Анџелес, Берлин, Париз и Барселона, кои ја имаат таа привилегија да бидат „домаќини“ на маестралните дела на Гери.
Иако официјалното име на зградата е Chau Chak Wing Business School, чија реализација чинела 93 милиони фунти, а именувана по познатиот бизнисмен и филантроп, во јавноста овој објект е препознатлив како „кафеава хартиена кеса“, а причината е очигледна. Во „флексибилната“ фасада на зградата се крие „духот на инвентивноста“ на амбициозните студенти помеѓу ѕидовите од тули.
Конструкцијата на зградата е дизајнирана така што постојат неколку делови на зградата, и тие можат да се менуваат со текот на времето за да се задоволат потребите на корисниците. Гери се надева на овој момент и вели: „Луѓето ќе ги измислуваат новите начини за користење на зградата“.
Френк Гери, чија работа експертите често ја споредуваат со творештвото на Пикасо, нацртот на овој Центар го започнал пред пет години и ова е негово прво дело во Австралија.