Додека кај нас се задоволуваме со фактот лифтовите во нашите згради да бидат безбедни и функционални, во светот проектирањето и оперативноста на лифтовите веќе одамна е предмет на постојана оптимизација, па дури и персoнализација. Кога станува збор за лифтовите или т.н. вертикален транспорт кај облакодерите, тоа е уште повеќе изразено. Имено, вертикалниот транспорт е еден од сегментите кој доживува невиден технолошки напредок кај новата генерација облакодери кај кои достигнувањето на рекордни височини веќе не е цел сама по себе. Oдржливоста, енергетската ефикасност и сертифицирањето на објектите според актуелните методи на одржливост во зависност од географската локација на објектот и изборот на инвеститорот или архитектот стануваат актуелни повеќе од кога било. За новите трендови и технологии кај облакодерите „Порта 3“ пишуваше во минатиот број. Во овој број, нашиот фокус е токму вертикалниот транспорт, имајќи ги предвид постулатите на одржливоста – економичност, ефикасност, влијание врз животната средина, но и врз комфорот на корисниците.
На оваа тема, разговараме со една дама чија професионална преокупација се лифтовите, и тоа ни помалку ни повеќе туку токму во облакодерите во САД. Д-р Магдалена Крстаноски, е една од многуте наши стручњаци кои го нашле своето место надвор од земјава. Ако некогаш нашите иселеници во САД како градежни работници го оставале своето здравје на скелињата од бројните облакодери во периодот меѓу двете светски војни, денес „продаваме“ инженерска креација.
По вокација машински инженер со докторска титула од Машинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Крстаноски работи како проект-менаџер вo глобалниот гигант за лифтови и ескалатори, Schindler во Мајами/Форт Лаудердејл, Флорида.
Оптимирањето на потрошувачката на енергија кај големите објекти денес наметнува строги правила во проектирањето и изведбата на вертикалниот транспорт. Кои се приоритетите во САД во оваа област денес?
– Најпрво, голема благодарност што покажавте интерес за темата на вертикалниот транспорт и за мојата професија. Се најдевам ова интервју ќе инспирира повеќе млади да се заинтересираат за оваа област. Мило ми е што списанието Порта 3 е актуелно и обработува многу интересни теми од научна, техничка и градежна област. Во врска со прашањето, во зависност од тоа за која сојузна држава се работи, мотивацијата на инвеститорот, архитектот и типот на објектот во САД одржливоста на објектите е интересна и актуелна тема. Акцент се става посебно на големите градови и деловните објекти од повеќе аспекти: економски, финансиски, животната средина и човекот. Најголем дел од денот просечниот американски граѓанин го поминува во канцеларија или во деловните простории, а понатаму во автомобил. Деловните објекти во зависност од локацијата каде се поставени се профитабилна инвестиција за инвеститорот на долгорочни патеки, со тенденција да се изнајмат на подолгорочни патеки на еден клиент, на пример банки, осигурителни компании, седиште на фирма или индустрија итн. Значи, од маркетиншки аспект, се испреплетуваат профитабилноста на инвеститорот со атрактивноста на објектот, што е особено важно доколку објектот поседува сертификат за „зелена“ градба, каков што е на пример еден од четирите нивоа на најактуелниот и најмногу користениот сертификат за „зелени“ објекти, американскиот LEED (Leadership in Energy and Environmental Design). LEED е систем на рангирање развиен од Американскиот градежен совет (United States Building Council) да го евалуира одржливиот перформанс на објектот и да ја поттикне трансформацијата на градежниот пазар во насока на одржливи конструкции.
Во зависност од тоа колку поени проектот/објектот/проектниот тим има постигнато, достапни се следниве нивоа на сертификација: Сертифицирано (40-49 поени), Сребрено (50-59 поени), Златно (60-79 поени) и Платинум (80 + поени). Во основа, повеќе поени, односно поголемо ниво на сертификација, значи поздрава средина за популацијата во објектот, попродуктивна средина за вработените или жителите, поттикнување на енергетска ефикасност и насоки кон извори за заштеда на енергија на долгорочни патеки. Секако, поените за сертификација не се единствени, туку ним им претходат задолжителни услови и критериуми кои мораат да се исполнат.
Комфорот и луксузот се неизоставен дел кога зборуваме за облакодерите. Кои се најинтересните содржини кои им се овозможуваат на клиентите, и кој бил најобемниот проект на кој сте работеле од аспект на барањата на клиентот?
-Во зависност од географската локација на објектот (во која држава е аплициран), централната поставеност во големите градови и атрактивноста на локацијата (локацијата носи финансиски профит), типот на објектот (резиденцијален, деловен, институционален, од јавен карактер, за посебни намени итн.) и класата на објектот (на пр. А, Б), односно за кој тип на станари се работи, луксузноста може, но и не мора да биде застапена. Секако висината на цената на изнајмувањето на просторот ќе ја нагласи потенцијалната луксузност. Овде т.н. „зелени“ објекти, односно сертифицирани објекти по LEED системот на сертификација ќе ја карактеризираат посебноста на објектот не само со внимателната селекција на материјалите во текот на градбата, следењето на потеклото на материјалите од моментот на екстракција на суровините до моментот на апликација, туку и понатаму во текот на животниот век на објектот. И најмалите детали кои се селектирани и аплицирани во текот на градењето се документираат, според класификацијата на објектот (нови конструкции, проектирање и градење на објекти, дизајн на ентериери и градење, одржување на објекти и работење со постоечки објекти, развој на општини и домови за живеење). Понатаму, потрошувачката на електричната енергија се следи и документира во временски период од пет години, во зависност од тековната верзија на LEED и исполнувањето на потребните критериуми се соодветно потенцирани.
Иако со интернационално и мултикултурно искуство, и соработка со менџерски тимови од различна култура, сите проекти ми се посебно драги, бидејќи секој е уникатен сам за себе и за локацијата во која се гради. Задоволство е да се работи со интернационални тимови и да се разменуваат искуства во врска со проектот во кој освен технички аспекти, многу често и социјалните и културолошките аспекти имаат влијание врз проектирањето и изведувањето.
Кога станува збор за моето искуство во САД, иако палетата на изведени проекти е голема, посебно ќе го извојам Светскиот Бизнис Центар Кула 4 како објект кој ми е посебно драг. Како дел од проектниот менџмент-тим за вертикалниот транспорт на Шиндлер 2008-2010 работев од самиот почеток на изградбата на престижниот Светски Бизнис Центар Кула 4 во Менхетн, Њујорк. Објектот има 72 ката со отприлика 2,5 милиона квадратни фита (Square feet) простор за изнајмување, со 46 фита високо деловно лоби, 37 експерс брзи лифта со дестинациска контрола, со безбедносни системи кои се над градежниот стандард на градот Њујорк. Објектот е сертифициран LEED Gold, според највисоките стандарди за одржливост и енергетска ефикасност.
Посебно драг ми е монументалниот проект од јавен карактер – железничка станица наречена All Aboard Miami тековно во изградба, како дел од Брајтлајн линијата железнички станици што ги поврзува Вест Палм, Форт Лаудердеј и Мајами. Станицата во Мајами се состои од 4 грандиозни објекта, во кои има вкупно 18 ескалатори и 22 лифта. Иако лифтовите се до четири ката, нивното проектирање и изведба содржи низа специфики, бидејќи истите подлежат на стандардите на Флорида и Градот Мајами за овој тип на објекти и се со дополнителни сигурносни карактеристики што овој проект го издвојува од другите од сличен тип.
Соработката со архитектот од самиот почеток уште при генерирањето на архитектонскиот концепт е особено важно при проектирањето на ветрикалниот транспорт. Како функционира оваа соработка во САД, и колку колегите прифаќаат критики?
– Соработката меѓу архитектот и експертите за специјалните конструкции, како што е вертикалниот транспорт се одвива синергиски, што значи од самиот зачеток на идејата за проектот настанува една флуентна комуникација. На вертикалниот транспорт треба посебно внимание да се обрне од концепт-проектната фаза, преку развивање на проектот и дефинирање на спецификациите, тендерската документација, градењето, примопредавањето и понатаму управување со објектот и одржување. Значи една комплетна проекна фаза, во која постојано ќе има соработка. Концептот на анализа на вертикалниот транспорт е жива материја која треба да се гледа во сите развојни фази на проектот. Неминовна е соработката на архитектот од концепт-проектот бидејќи тогаш се развива идејата за потребите на објектот. Во соработка со архитектот, кој ги комуницира податоците кои иницијално се познати во почетната фаза на објектот, експертот за вертикална анализа како зависност од типот на објектот, предвиден тип на популација во објектот, вертикална и хоризонтална комуникација во објектот, корисна површина на објектот и параметрите на објектот се предвидува потребниот број на лифтови и ескалатори во објектот.
Се разбира со секоја развојна фаза на проектот се добиваат повеќе информации и анализата се усовршува до добивање на комплетно решеније со кое би се предвидело движењето на лицата во објектот во иднина. Конструктивната критика е секогаш позитивна во смисла на соработка која ќе придонесе за добивање на решение во кое инвеститорот и корисниците ќе бидат задоволни. Всушност, и не се работи за критика туку за заемна соработка, бидејќи со ефективна комуникација експертизата на сите инволвирани ќе придонесе за добивање на ефективно решение. Вертикалниот транспорт треба да се осмисли и проектира за целиот животен век на објектот, а не за една одредена намена, и не за сметка на намалување на квантитетот и квалитетот на услуга.
Вие сте посветени и на едукацијата на студенти во САД. За што најмногу се интересираат студентите, и колку во САД практичните искуства се транспонирани во студиските програми?
-Да, ангажирана сум како соработник (adjunct instructor) на Everglades University во Сарасота Флорида, на студиската програма Construction (Градење/Изведување). Во зависност од семестарот и временскиот термин кога може да се ангажирам, предавам на студентите на додипломски студии на следниве предмети Машински и електрични системи кај високи објекти, LEED и сертификација, Греење/Ладење/Климатизација. Материјата на инструкторот е обемна и многу пати е речиси предизвик да се предаде целата материја во еден компресиран семестар. Со задоволство ги припремам моите часови кои имаат на некој начин имплементирана варијабилност, интерактивност, почести тестови, семинарска работа. Се обидувам да им пренесам што е можно повеќе и од моето долгогодишно практично искуство на студентите, и на мое големо задоволство забележувам дека тоа навистина многу им значи.
Одржливоста преку LEED сертификацијата е особено популарна тема. Кои аспекти од LEED во однос на животната средина се најважни и највисоко рангирани?
-Иако постојат повеќе актуелни светски сертификациски системи за САД најактуелен е LEED, иако не помалку значајни се канадскиот Green globes и британскиот BREEAM. Основната цел на LEED како интернационално препознаен систем за сертифицирање, е што овозможува верификација со помош на трето лице со кое би се покажало дека проектирањето на објектите е изведено со имплементација на стратешките цели за одржливи конструкции како што се: заштедата на енергија, пристапност кон јавен превоз, решавање на одлевањето на дождовницата и отпадната вода, како и развивање и користење на стратегии за намалување на потрошувачката на енергија, користење и потрошувачка на вода, промовирање на чист воздух и квалитет на воздух во затворени простории, сè со цел подобрување на квалитетот на живеење.
Предностите на објектите кои се сертифицирани во однос на останатите се следниве:
1. Намалена потрошувачка на енергија и вода
2. Намалени трошоци за одржување
3. Намален отпад во текот на градењето
4. Зголемен квалитет на воздух во затворени простории
5. Зголемена продуктивност на вработените, задоволство и задржување на вработените
6. Промоција на рециклирање
7. Привлекување на компании, вработени, клиенти и станари за кои е важна одржливоста и квалитетот на живеење
8. Промоција на локална економија
9. Намалена судска активност
Од друга страна пак, во Америка, во зависност од проектните барања и барањата на инвеститорот, од многу објекти се бара да се во таканаречената категорија Made America што значи дека секој еден најмал дел од материјалите кои се користат во објектот, мора да се произведени во Америка. Со други зброви, тоа би значело секој употребен материјал мора да има историја на потекло од Америка, при што дури и најмала навртка со контрола на потекло доколку не е произведена како што е специфицирано, истата мора веднаш да се отстрани. Ова е од исклучителна важност за промоција на локалната економија и употреба на производи од проверен и висок квалитет.
Често доаѓате во Македонија. Што е она што најмногу Ви пречи во контекст на Вашата струка секогаш кога доаѓате и се надевата дека можеби при следната посета конечно ќе се смени?
-Би сакала да видам повеќе технички случувања, размена на искуства, семинари за едукација и активности за инспирација на младите кадри за да се заинтересираат за едукација, техника, роботика, семинари од интернационален карактер. Би сакала да видам случувања како конференции на организации како на пр. ASME (American Society of Mechanical Engineers), Lift Grupi, SWE (Society of Women Engineers), Green Council активности и размена на искуства во доменот на одржливоста, натпревари по роботика на предучилишно, основно, средно ниво, зашто само со инспирација на младите од најмали нозе може да се добијат квалитетни кадри во иднина. Би сакала да видам повеќе списанија од техничка природа на македонски јазик, чист воздух, чиста средина, и повеќе волонтери, експерти во својата област, универзитети и компании кои би се инволвирале и соработувале со цел напредок на техниката и техолошки развој, од конструктивен аспект, аспект на околина и профитабилност на сите. Лифт-индустријата во Македонија, како и развојот на одржливи/зелени објекти би сакала да ги видам во насока на функционалност, одржливост, пристапност за сите, задоволство за корисниците и како едно реално функционално секојдневие.