Традиционално, Зимските Олимписки стадиони се проектираат на начин кој им овозможува на посетителите да бидат заштитени од студот. Оваа година, ЗОИ кои се организираат во Пјончанг, пробуваат нешто нво. Гостите ќе ја гледаат тричасовната церемонија на отворањето на главниот Олимписки стадион кој нема покрив. Пјонгчанг, кој е лоциран во близина на границата со Северна Кореја, се карактеризира со исклучително сурови зими. Затоа, се очекува дека ова ќе бидат најстудените ЗОИ по Лилехамер Норвешка во 1994. Токму поради ова, навистина е чудно што 35.000 посетители ќе бидат директно изложени на екстремно ниски температури на стадионот без покрив. Овој стадион ја чинел владата на Јужна Кореја 109 милиони УСД. Иако во проектната фаза бил предвиден покрив, тој е изоставен поради проблеми со буџетот. Од истите причини стадионот нема и централно греење.
За време на пуштањето во употреба на стадионот минатиот ноември, седум луѓе биле погодени од хипотермија. Засега, планирано е да се поделат ќебиња, ракавици и покривки за нозете, за секој од посетителите на отворањето на ЗОИ 2018. Уште почуден е фактот што овој стадион ќе биде користен само четири пати и потоа градбата од 109 милиони УСД ќе биде демонтирана бидејќи трошоците за негово одржување се неприфатливи.
Овој пример, многу говори за притисокот под кој се наоѓаат организаторите на Олимписките игри, поради кратките рокови и обемната инфраструктура која треба да се изгради, при што често се занемаруваат основните принципи за одржливост на градбите.