Насловна / Вести / Новиот објект на Македонската филхармонија ќе се отвори во мај

Новиот објект на Македонската филхармонија ќе се отвори во мај

„Новиот објект на Македонската филхармонија кој е изграден по идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и е разработен како основен и изведбен проект од проектантската куќа Македонија проект, се протега на површина од 12.400 метри квадратни и се одликува со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики по сите светски стандарди“, рече Елизабета Канческа-Милевска.ск

Физичката локација на оваа комплексна сала го потенцира идеалниот триаголник со институциите од областа на музичко сценската дејност во нашата држава, кои се наоѓаат во непосредната близина на Македонската филхармонија, а тоа се  Македонската опера и балет и Факултетот за музичка уметност.

„Новиот објект располага со две сали, голема сала со капацитет од 1000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта. Големата сала  располага со најсовремени сценско технолошки системи, што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип. Материјалите што се употребени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика во која верувам дека ќе уживаат сите посетители. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани. Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории  за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа. Објектот поседува и кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените. Со посебно внимание би сакала да ја издвојам атрактивната влезна партија во објектот  и челичната покривна конструкција, која е многу специфична и е составена од два дела кои се обединети преку дополнителна просторна решетка со закривена форма и променлива ширина. Во оваа прилика би сакала да напоменам дека е набавена и комплетно нова опрема за музичарите, столчиња во зависност од типот на инструментот, стативи и држачи за инструментите, посебни шкафови за чување на инструментите, држачи за партитурите и светлосни тела за истите.  Во тек е и набавка на нов инструментариум (оргуља, концертно пијано, харфа, контрабаси, удирачки инструменти и друго) со што ќе се овозможи поквалитетна изведба на музичките дела од македонската и светската литература“, истакна Канческа-Милевска.

Испрати коментар

Scroll To Top