Од последното печатено издание на Порта 3, број 277
Најновите информации поврзани со новиот Универзитетски клинички центар се дека тој ќе се гради на нова локација, во месноста Веле Поле во Општина Ѓорче Петров.
Министерот за здравство пред една година најави дека новиот Клинички центар ќе се гради во Злокуќани како што е и предвидено со ГУП-от на град Скопје 2012-2022. Тој изјави дека локацијата предвидена со ГУП-от е во близина на Специјалната болница во Бардовци и планирани се и медицински факултет, истражувачки центар и кампус за сместување на студенти по медицина.
Локацијата во Злокуќани, Општина Карпош, предвидена со ГУП за Скопје
Само една година подоцна се најавува нова локација. Информациите кои нашата редакција ги доби од советникот за инвестиции на премиерот се дека локацијата предвидена со ГУП-от била околу 60 % приватно земјиште и дека и покрај Законот за експропријација каде во член 6 се третира и јавен интерес од значење за државата во кои спаѓа и градење на објекти и изведување на работи за потребите на државните јавни служби во областа на образованието, воспитанието, спортот, науката, културата, здравството и социјалната заштита, експропријација на земјиштето за да се оформи градежната парцела што државата би ја чинело околу 100 милиони евра и би се изгубило доста време додека се изврши. Ова е најголемата причина зошто, како што вели, тим составен од експерти од Владата, Министерството за здравство и за транспорт и Катастарот на РМ се одлучиле да ја променат локацијата.
Пред точно една година Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ, апелираше до Владатa да не се дозволи нов Клинички центар на постојната локација. На прес-конференцијата што тогаш се одржа се образложи бенефитот од Клинички центар на нова локација, која е предвидена во Општина Карпош на север од населбата Злокуќани и на југ долж железничката пруга со правец Скопје – Кичево. „Во изминатите 20 години континуирано се изработува урбанистичка документација за постојната локација на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ во Општина Центар, како и за новата локација, со цел дислоцирање и изградба на нов Универзитетски клинички центар – Скопје во Општина Карпош. За локацијата во Злокуќани изработени се: Генералниот урбанистички план (ГУП) на град Скопје 2012-2022 година, урбанистички планови од пониско ниво и тоа: Урбанистички план за градска четврт „ССЗ 01“ 2013-2022 година, Детален урбанистички план за „Нов универзитетски клинички центар – Скопје“ на земјиште со површина за градење cca 94 ха во сопственост на РМ и приватно.
Локацијата за новиот Клинички центар во Општина Карпош е дефинирана уште во ГУП-от од 1948 година, прв план за град Скопје. Во сите подоцнежни ГУП-ови за Скопје и во последниот ГУП 2002-2020 потврдена е истата локација поради исполнување на двата основни критериуми: најоптимална достапност од сите простори на градот и еколошките карактеристики на локацијата и околниот простор со можност и за иден развој.
Редакцијата на Порта 3 стапи во контакт со Агенцијата за планирање на просторот која е носител на ГУП-от за Скопје со цел да побара нивно мислење за тоа што значи промената на локацијата и дали е направена урбана анализа на двете локации и нивно споредување, што е неопходно за да се добијат егзактни податоци за предноста на новоизбраната локација, но не успеавме да добиеме одговор. А во меѓувреме министерот за здравство изјави: „Се бодуваа локациите по соодветна методологија и се избра локацијата во Ѓорче Петров, пред сѐ, поради земјиштето, кое е целосно државно, потоа поради цената на чинење, која е пониска и поради полесниот начин на изведба“.
Новата локација во Веле Поле, Општина Ѓорче Петров
Новата локација во Веле Поле не е опфатена со ГУП-от за Скопје и ќе треба да се изработи со урбанистички план за вон населено место. Станува збор за локација покрај скопската обиколница со површина од 90 ха, од кои 50 ха ќе бидат наменети за новиот Универзитетски клинички центар, а преостанатите 40 ха за заинтересирани инвеститори за приватно здравство. На локацијата има извори на термална вода со температура од 70 степени Целзиусови, па се предвидуваат бањи за лекување и спа-центри, исто така е предвидено и Заводот за рехабилитација од населбата Капиштец да се префрли на оваа локација, нè информираше советникот на премиерот.
Веле Поле
Тој вели дека во непосредна близина има неопходна инфраструктура, близина на железница која се предвидува да има свој перон до Клиничкиот центар. Најави и дека се планира во непосредна близина станбена населба, домување во куќи А1, наменета по поволни услови за млади брачни парови и за вработените во центарот.
Со особен интерес, во наредниот период, ќе ја следиме реализацијата на овој најважен за државата проект од областа на медицината, па и повеќе од тоа. Предвидениот рок за изградба на новиот Клинички центар е 4-5 години и Владата вели дека ќе чини околу 500 милиони евра.