Славниот фудбалски клуб „Милан“ ќе прави нов стадион во Милано, поточно цел комплекс, а одлуката ќе биде донесена во месец март.
Се појавија првите фотографии од новиот комплекс на „Милан“, кој е во план да се гради. Уште сега се познати трошоците за изградба на овој комплекс, капацитетот на стадионот, кој ќе изгледа фантастично. Реализацијата на проектот ќе чини 320 милиони евра, што е секако прелиминарна проценка. Стадионот, според плановите, треба да биде изграден до 2018 година.
Стадионот ќе биде висок 30 метри, бидејќи е во градска зона, но поради тоа ќе биде 15 метри под земја, ќе биде мултифункционален и ќе биде отворен седум дена во неделата, а клубот соопшти дека во целата зона ќе се отворат нови 500 работни места.
Од „Милан“ соопштија дека моментално преговараат со неколку компании кои се заинтересирани да го купат името на стадионот, а предност ќе има генералниот спонзор на клубот „Флај Емирати“.
Стадионот би требало да има капацитет од 48.000 места, ќе изгледа футуристички, со подвижен покрив. Ќе биде изграден според последните еколошки стандарди во местото Портело Фијера, градска зона на Милано, во непосредна близина на „Casa Milan“ каде се наоѓаат клупските канцеларии и музејот.