Дали овој прекрасен апартман во „Вест Вилиџ“ во Њујорк, каде што живеел последните две години познатиот оскаровец Роберт де Ниро со неговата сопруга и двете деца, наскоро ќе добие уште еден добро познат сопственик, ќе се дознае наскоро.
Англиската фудбалска суперѕвезда Френк Лампард и неговата свршеница, наводно, се многу заинтересирани за овој спектакуларен простор, којшто во архитектурата и во агенциите за недвижности на Менхетен се смета како модерно ремек-дело.
Френк Лампард ова лето со неговата свршеница се сели преку Атлантикот за да се приклучи на новиот фудбалски клуб „ФК Њујорк“.
Самиот пентхаус се наоѓа на познатата улица „Пери“ во квартот „Вест Вилиџ“, и претставува двокатен ентериер со големина од 1022 квадратни метри. Ако Френк Лампард се одлучи за него, ќе треба да плати 26 милиони евра.
Феноменално уредениот ентериер има пет спални соби, четири бањи, гаража за седум автомобили и тераса со поглед од 360 степени во Њујорк.
Ентериерот е преплавен со природна светлина, има високи тавани и чисти линии. Дневниот престој има голем убав камин меѓу два широки прозорци со поглед на реката Хадсон. Класичната кујна се наоѓа околу централниот „остров“, и освен неа, апартманот има посебна кујна за подготовка и складирање на храна.
Терасата е идеална за ноќни забави кога градот се капе во таквата светлина.