Познатиот француски дизајнер Симон Порт Жакмис го отвори својот прв американски бутик Jacquemus во Сохо, Њујорк, посветен на креациите што го направија меѓународно познат.
Жакмис го направи следниот чекор во својата кариера, отворајќи продавница во Сохо на улицата Spring 143, претставувајќи го својот талент на меѓународно ниво.
За да го прослави овој нов потфат, дизајнерот лансирал специјална колекција наречена „Love in NYC“, оддавајќи почит на љубовта и гламурот на Њујорк. Покрај тоа, во близина на бутикот бил поставен и камион со храна каде на минувачите им се делел бесплатен појадок. Кроасани и сок од портокал се служеле во уникатно пакување, сокривајќи го златниот билет, а среќниците што го пронашле ја добиле иконичната чанта „Le Rond Carre“.
Продавницата во Њујорк ја отелотворува естетската и архитектонската визија на Симон Порт Жакмис. На два ката, со елегантен ентериер инспириран од архитектурата на Прованса и Париз, овој простор одразува топол, минималистички стил. Во соработка со ОМА, реномирана архитектонска фирма, просторот има бели ѕидови, камени подови и скали од ковано железо од италијански занаетчија. Балансот помеѓу суровините и модерните елементи создава уникатна атмосфера.
Кога станува збор за ентериерот, во продавницата не пе изложена само облека. Просторот е претворен во уметничка галерија, каде се изложени познати дела. Меѓу нив има гравури на Пјер Бонард, фотографии на Петер Шлезингер и бронзени скулптури од Мајол. Во меѓувреме, мебелот е мешавина од парчиња дизајнирани од студиото OMA и винтиџ „богатства“, вклучително и две столчиња на Френк Лојд Рајт од 1950-тите, кои додаваат допир на ретро елеганција.
Иако американското влијание е силно, Симон Порт останува верен на своите француски корени. Кованото железо, симбол на Прованса, го украсува просторот и потсетува на влијанието што неговото потекло го има врз неговата работа.