По повеќе од 30 години, Република Македонија со новиот Археолошки музеј доби најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на движното културно наследство, кое е потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори.
Новиот Археолошки музеј, како проект на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, е монументален објект на вкупна површина од 6.000 квадратни метри, и е пандан на најсовремените европски археолошки музејски институции. Во музејот е прикажано богатото културно наследство на Македонија со повеќе од 6.000 експонати, селектирани од богатиот фундус на археолошко богатство на нашата држава.
Изложбената поставка, на приземјето и на двата ката од современото музејско здание, содржи пет постојани музејски колекции, меѓу кои: нумизматичката збирка од над 2.000 монети од античкото Пајонско кралство до доцносредновековната епоха, лапидариумот со репрезентативните примероци на античката камена скулптура, праисториската археолошка збирка со артефакти од палеолитското, неолитското и металното доба, античката збирка на археолошки наоди со изложбени експонати од раната антика, македонско-хеленистичкиот период, римската епоха и доцно-античките времиња и збирката на археолошки артефакти од средновековниот период, надополнета со примероци од материјалната култура на Османлиското време.
На отворањето, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска подвлече дека овој музеј е аргументирано сведоштво за нашата историја, за нашиот милениумски развој и од тука, Археолошкиот музеј на Македонија, е мошне значајна инвестиција за нашата држава, гледано од историски, културолошки, образовен и туристички аспект.
„Новиот Археолошки музеј е музеј на 21 век. Современите технологии, анимациите, амбиенталната музика, ликовните дела со имагинативна реконструкција на определни периоди од развојот на цивилизацијата на нашето тло и другите содржини овозможуваат посетителот да направи свое сопствено археолошко истражување. Современиот начин на презентација во Музејот уверена сум дека ќе овозможи секој граѓанин на нашата држава, но и странски посетител, длабоко да го осознае богатото културно наследство на Македонија и да научи многу повеќе за нашето културно минато. Музејските содржини ќе бидат особена провокација за младите генерации, кои од овој Музеј во иднина ќе црпат чувство на припадност и почит кон сопствените корени“, посочи Канческа Милевска.
Директорката на Археолошкиот музеј Весела Честоева истакна дека во создавањето на приказната раскажана преку поставката активно учествуваа стручните оддели при Музејот, како и заводите и музеите во РМ и Управата за заштита на културното наследство.
Секој посетител на новиот археолошки музеј ќе има можност да ги види на едно место култниот керамички артефакт со претстава на Големата Мајка од тумбата кај Маџари, комплетната реконструкција на „гробот на свештеничката“ од локалитетот Марвинци, минијатурната танчерска фигура на тетовската Менада, вазата Хидрија од 4 век п.н.е, македонскиот штит од 3 век пр.н.е. од локалитетот Бонче, златниот накит и златните гулабици од Охридскиот регион од раната антика и македонско-хеленистичкиот период, атрактивната Срамежлива Венера пронајдена на античко Скупи, реконструктивната копија на ритуалната кочија од римскиот период пронајдена во Делчево, стаклената чаша дијатрета од античкиот период, мозаици и реконструирани објекти од ранохристијанскиот период, бронзениот накит од Комани-круе културата од Св. Еразмо кај Охрид од 7-8 век, комплетната колекција на уникатните теракотни икони од Виничкото кале и многуброен археолошки материјал од средниот век. Во музејот е изложена и единствената копија од раскошниот саркофаг на кој се прикажани воените подвизи на Александар Македонски.