Дел од паркинзите во Дебар Маало 1 и Дебар Маало 2 засега ќе останат во функција. Градските инспектори вчера не ги поништија хоризонталната и вертикалната сигнализација на паркиралиштата во овие населби, како и на спорните паркинзи во Буњаковец 1 и Буњаковец 2, кои ги стопанисува општинското претпријатие „Паркинзи на општина Центар“. Како што пишува „Дневник“, градските власти му оставиле време и простор на ПОЦ да ги отстрани забелешките на проектите за зонското паркирање во овие делови од градот. Во петокот, пак, градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, обелодени дека пристигнал заклучок од Град Скопје оти градските инспектори ќе ги отстранат вертикалната и хоризонталната сигнализација ако не се отстранат недостатоците.
Овој заклучок стигна до општината Центар, откако претходно Министерството за внатрешни работи ги одби сообраќајните проекти за утврдување режим на сообраќај во наведените населби и не му дозволи на ПОЦ да воведе зонско паркирање на дел од уличната мрежа, практично на тротоарите и на коловозите. ПОЦ беше принуден да прави нови проекти, бидејќи старите проекти со кои претпријатието воведе зонско паркирање на коловози и тротоари не беа издржани. Лани во октомври градските инспектори со црна боја ги пребојосаа обележаните паркинг-места на неколку паркиралишта во Дебар Маало и Буњаковец. Истото беше најавено дека ќе се случи деновиве и со другите паркиралишта, но ПОЦ доби време да се коригира.
Вчера директорот Саша Богдановиќ имаше средба во МВР за да се договорат понатамошните чекори.
„Од Градот ни оставија простор да се отстранат сите забелешки. Kонкретен рок нема, бидејќи се работи за специфичен процес. Со МВР, пак, се договоривме да имаме постојана комуникација и на самото место да ги видиме сите недостатоци“, изјави Богдановиќ.
Тој објасни дека треба да направат нови проекти, геодетски елаборати за да се види што е на Градот, а што на Општината Центар, но и да се спроведат мерења колку возила и пешаци дневно поминуваат низ наведените подрачја.
„Забелешките на проектите се однесуваат на тоа дека на некои места Општината Центар треба да преземе одредени градежни зафати, како што е нивелирање на тротоарите, за да не се оштетуваат автомобилите при паркирањето. Најголем дел забелешките се за да се изрегулираат паркинг-местата што се обележани близу пешачките премини“, рече Богдановиќ.
Додека не се реши состојбата, граѓаните што доаѓаат на гости во Дебар Маало и Буњаковец, на поништените паркинзи можат да ги остават возилата без надоместок, бидејќи ПОЦ таму не смее да наплатува, а на обележените места функционира зонското паркирање. Од друга страна, тие што паркираат на поништените паркинг-места прават прекршок непрописно паркирање.