Насловна / Вести / Промена на покриви на 15 колективни објекти и 150 куќи во Kарпош

Промена на покриви на 15 колективни објекти и 150 куќи во Kарпош

karpos ke menuva pokrivi

Општина Kарпош најавува дека ќе ги смени покривите, односно ќе помогне во замената на азбестните плочи на 15 колективни објекти и на 150 куќи.

Општината планира азбестните плочи да ги замени со ребрест пластифициран лим, кој ќе го плати, а станарите треба да платат за работната рака, односно за изведбата, пишува Дневник.

– За колективните станбени објекти општината Kарпош ќе обезбеди пластифициран лим со дебелина од 0,55 милиметри за целата покривна површина, комплет шрафови со капи и гумички, дрвени штафни за зајакнување на постојната конструкција и ПВЦ фолија. За куќите ќе набави лим со иста дебелина и комплет шрафови, според прописите за јавните набавки – изјави Виолета Цветковска, раководител на Одделението за односи со јавноста во Kарпош.

Таа додава дека Заедницата на сопственици на станови кај колективните објекти и сопствениците на куќите потоа сами ќе си ја изберат фирмата што ќе го постави покривот и ќе ги сносат трошоците за изведбата.

Општинските власти веќе склучиле два договори, еден за препокривање коси покриви на згради, а вториот за препокривање на куќите, со скопската фирмата „Металомонтинг Валентина и др.“, од која Општината ќе ги набави потребните материјали. Договорот со оваа фирма за материјали за зградите е од 3,3 милиони денари (53 илјади евра), за куќите од 5,6 милиони денари (90 илјади евра), а рокот за испорака е 12 месеци.

Изборот на пријавените објекти ќе се изврши врз основа на бодирање според одредени критериуми. За колективни згради ќе се зема предвид бројот на становите (секој стан се оценува со еден бод) и писмената согласност од заедницата на станари, со која станарите ќе се изјаснат дека се подготвени да ги платат трошоците за работна рака за замената на покривната конструкција. При изборот на куќите ќе се земаат предвид бројот на членовите во семејството, односно за деца до 18 години два бода, семејство само со пензионери два бода и други членови на семејство по еден бод. Ќе се вреднува и материјалната состојба на семејството (со приход до 20.000 денари – еден бод, со приход до 15.000 денари – 1,5 бод и со приход до 10.000 денари – два бода), а ќе биде потребна и писмена согласност од сопствениците дека ќе ја платат изведбата и оти на свој трошок ќе постават покривна термоизолација.

 

Испрати коментар

Scroll To Top