Општина Велес го заврши процесот на електронско јавно наддавање за оттуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, а кој се однесуваше на продажбата на плацеви во Индустриската зона Речани 2 и на езерото Младост.
Градоначалникот Славчо Чадиев информираше дека во двете јавни наддавања се продадоа вкупно девет плацеви во Индустриската зоан Речани 2 и четири парцели на езерото Младост.
– Од продажбата на градежното земјиште во Индустриската зона Речани 2, општина Велес ќе инкасира вкупно 16.194.539 денари. Почетната цена на наддавањето на кое беа пријавени 34 кандидати изнесуваше 61 денари по метар квадратен, а највисоката продажна цена за една парцела изнесуваше 651 денари по метар квадратен, – истакна Чадиев.
Што се однесува за лицитирањето на парцелите на езерото Младост, на денешното лицитирање беа продадени четири парцели на кои се предвидува изградба на мотели. Почетната продажна цена на овие парцели изнесуваше 283 денари од метар квадратен, а сите беа продадени по единечна цена од 313 денари за м2.
Инаку, целокупниот процес на продажба на градежно земјиште во индустриските зони и на езерото Младост е од огромна важност за стопанскиот развој на Велес. Ќе има можност за отворање на нови работни места, што значи јакнење на фирмите и подигнување на стандардот на граѓаните. Придобивка е урбанизацијата на крајбрежјето на езерото и негово уредување. Со изградбата на комплекси од хотели и мотели се зголемува можноста за поквалитетна туристичка понуда, за развој на ловен, риболовен и транзитен туризам.