Следната генерација на концентрираните соларни централи (CSP) бара примена на високотемпературни флуиди, како што се солените раствори, отпорни на температурен опсег 550-750°C, со цел складирање на топлинската енергија и потоа генерирање на електрична енергија. Но, на така високи температури, солените раствори делуваат агресивно на инсталацијата изработена од вообичаените легури применувани во топлиноизменувачите, цевководите и акумулаторите на топлина кај овие системи. Новите истражувања во рамките на U.S. Department of Energy’s National Renewable Energy Laboratory (NREL) имаат за цел намалување на нивото на корозија кај овие постројки, со користење на премази на база на никел. На тој начин, се овозможуваат високи температури кај флиудите – медиуми на топлината, односно повисока ефикасност на системот.
За комерцијално користење на смесите од солени раствори кои содржат натриум хлорид, калиум хлорид и магнезиум хлорид, стапката на корозија во резервоарите за складирање мора да биде ниска – помала од 20 микрометри годишно, со цел електраната од овој тип да го достигне зацртаниот експлоатационен век од 30 години. Основните легури на нерѓосувачки челик, тестирани во растопен хлорид кородираат многу побрзо – 4.500 микрометри годишно. Решението на проблемот со корозијата би можело да се најде во истражувањето спроведено од Judith Gomez-Vidal од NREL, кое е објавено во списанието „Nature Degradation Materials“. Комерцијалната примена на ова или слично решение ќе доведе до сериозно подобрување на ефикасноста кај концентрираните соларни централи.