Од Општина Центар соопштуваат дека на вчерашната седница на Советот на општината со мнозинство гласови е усвоена одлуката за запирање на спроведувањето на 31 детален урбанистички план.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласале против иако дискутирлеа дека не се противат на преиспитување на ДУП-овите.
Оваа одлука значи дека нема да се постапува по ново поднесените барања со кои отпочнува управна постапка за издавање одобренија за подготвителни работи и постапките за издавање одобренија за градење, доградба и надградба.
Одлуката ја предложи градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
„Претходно донесениот Мораториум е краток за да се направи анализа на Деталните урбанистички планови и да се овозможи законитост во постапувањето, правна сигурност на жителите на општина Центар, а особено поради неопходната потреба за усогласување на планската документација со законските обврски и фактичката состојба“, стои во образложението.
Од општината сметаа дека носењето на ДУП-овите се водело главно грижа за потреби и интереси на поединци, а не се водело сметка за хуманиот аспект на живеење: зеленило, паркинг, изградба на неопходни јавни, образовни и културни установи.
Рационалното уредување, услови за хумано живеење, надминувањето на урбаните бариери на лица со попреченост, заштита и унапредување на животната средина, а особено вклучување на јавноста во постапката за донесување на планската документација ќе бидат основни принципи по кои ќе постапува Општина Центар при изготвување на новите Детални урбанистички планови, се вели во соопштението од општината.