Нови 50 решенија за легализација на бесправно изградени објекти денеска им беа врачени на граѓани од општина Кисела Вода. Со тоа, од поднесените 11.877 барања досега се решени 3.599 предмети за легализација на дивоградби на територијата на општината.
Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ, потсетувајќи на спроведените технички мерки од страна на општината кои имаа за цел да ја подобрат динамиката на процесот на легализација на дивоградбите, ја истакна и улогата на имателите на нелегален објект.
– За процесот на легализација да тече, тие мораат да достават комплетна документација до административните служби. Бројот на поднесени барања без геодетски елаборат, во овој момент, изнесува 3.424. Исто така, изготвени се уште 127 урбанистички согласности, од кои, за 87 се чека уплата на надоместокот, за постапката за изготвување на решенијата за легализација на објектите да може да се продолжи, изјави Беличанец-Алексиќ.
Таа ги потсети сите граѓани кои поседуваат тераси пренаменети во станбен простор дека се ближи 30 јуни, крајниот рок за поднесување на потребната документација за нивна легализација.