Заклучно со третиот квартал во 2014 година во Општина Илинден се издадени вкупно 140 одобренија за градење, од кои 15 за стопански објекти, 118 за домување и седум за јавни и инфраструктурни објекти, што во споредба со 73-те издадени одобренија за градење во трите квартала во 2013 година, претставува двојно зголемување на издадени одобренија за градење.
Како што соопшти Општината, од издадените одобренија за градба за домување, дури 70 се издадени на граѓани кои одбрале од бесплатните проекти за изградба на семејни куќи кои ги нуди Општина Илинден, со што значително се олеснува и забрзува постапката за издавање на градежни дозволи по електронски пат.
Со издавање на одобренија за градење заклучно со третиот квартал 2014 година, се овозможи изградба на индивидуални станбени објекти, и стопански објекти со намена за лесна и незагадувачка индустрија како што се: откупен центар со ладилник за овошје и зеленчук, фабрика за производство на кондиторски производи, погон за текстил, производство со прехрамбена индустрија, магацин со станица за технички преглед, постројка за производство на дизел гориво, производство на челични профили, производство, пакување и дистрибуциија на амбалажа, фотонапонска сончева централа, стовариште за бои и лакови, две станбени згради, станбено деловна зграда, како и еден хотелско – угостителски комплекс, во локалните економски зони во Општина Илинден.