Транспортната станица кај Светскиот трговски центар во Њујорк, која оригинално е позната како The World Trade Center Transportation Hub, е комплекс кој го спроведуваaт градските власти на Њујорк и Њу Џерси со цел замена на старата станица. Новиот Хаб или терминал е дизајниран од познатиот шпански архитект Сантијаго Калатрава. Терминалот за возови се наоѓа веднаш до Меморијалниот центар, близу остатоците од некогашните Кули близначки.
Составен е од голем мезанин кој поминува под самиот меморијал, но има и надземна конструкција која го добила името Окулус. Освен возовите, оваа станица има повеќекратна намена, а тоа е да биде и еден вид на централа за сите останати превозни средства од типот на метро или превоз до пристанишниот дел.
Окулус е главната дизајнерска одлика на новата транспортна станица, и се наоѓа на местото каде што постоел голем трговски центар кај Кулите близначки, но по нивниот пад во 2001 год., и со изградбата на меморијалниот центар, останал празен простор кој градските власти сакале да го урбанизираат. Така се родила и идејата да се направи транспортна станица на оваа локација со уникатен изглед.
Иако архитектот Даниел Либескинд, кој е автор на меморјалниот плоштад, не предвидувал голема транспортна станица на оваа локација, сепак властите на Њујорк го отфрлиле неговиот план и одлучиле да го градат проектот на Сантијаго Калатрава. Според него, Окулус, кој е најважниот сегмент на станицата, претставува птица која полетува од детски раце. Тоа е симболизмот врз основа на кој е направен дизајнот за транспортната станица.
Од друга страна, наместо класична кровна конструкција, ќе бидат составени елементи кои можат да се отворат и да овозможат повеќе светлост, со што се задоволуваат две работи: спиритуална димензија на местото и формирање на кровна конструкција со подвижни елементи кои наликуваат на крилја на птица, односно пердуви.
Оваа транспортна станица почна да се гради во 2006 година, а кровната конструкција, која е комплицирана, почна да се оформува по 2008 година, кога веќе пешачкиот дел беше утврден. До мај 2011-та преку 300 метални парчиња беа кренати, со што Окулус го доби првичниот лик. Со комплетно вградување на сите метални сегменти, тој ќе биде тежок 71 тон! Веќе во јуни 2013-та се додадени надворешните основи на Окулус, а градбата треба да заврши до средината на 2015 година. Сепак, официјалното отворање на новата Транспортна станица ќе се случи дури во декември 2017 година.
Во меѓувреме, овој проект е оценет како најскапата транспортна станица во историјата на светот, не само поради обемната операција на конструкција туку и поради цената на чинење, што е лимитирана на 3,7 милијарди долари! Освен тоа, се додава и дека објектот доцни со конструкција, што е резултат на константното зголемување на трошоците, заради што многу субјекти се вклучени во финансирањето.
Инаку, до пред градбата на транспортната станица, овде поминувале над 46.000 патници дневно, што е за двапати помалку од Гранд Централ кој и покрај стариот дизјан сè уште е број еден транспортна станица. Но, анализата покажала дека има економска оправданост инвестирањето во овој Хаб на Меморијал плаза на Менхетен. Таа вели дека бројот на дневни патници ќе се зголеми на 200.000, а тоа е зголемена циркулација на готови пари кои дневно ќе се трошат токму тука.