Германскиот производител на автомобили „Ауди“ силно е посветен на оптимизација на производството и усовршување на производствените линии, имајќи ја предвид зголемената комплексност на автомобилите денес. „Новите потреби на пазарот, очекувањата на клиентите, како и законските ограничувања итно бараат поиновативни технологии во оваа индустрија“, велат од „Ауди“.
„Ова значи дека класичното монтирање на деловите на производствената линија е помалку ефикасно и треба да се интегрираат нови рутини и постапки во веќе ригидниот процес“, додаваат од фабриката. Минатата година компанијата за првпат ги објави своите планови за новата „смарт“ фабрика во која заедно ќе работат работници и роботи кои ќе развијат нов концепт – модуларно склопување на автомобилите.
Овој план поврзува посебни работни станици со што се овозможува висока флексибилност и ефикасност во процесот. Повеќе иновативни технологии ќе бидат применети во оваа фабрика, меѓу кои 3D печатен метал и очила со виртуелна реалност. Деловите што ќе се печатат со 3D технологија ќе бидат транспортирани со дронови.
Новиот метод на склопување на автомобилите ќе ја зголеми продуктивноста за 20%. Тој веќе се применува во фабриката во Ѓер, Унгарија, а се планира негово имплементирање во уште две други фабрики во најскоро време.