Монтажната галерија, која се отвори вчера во Паркот на франкофонијата, е доказ за тоа колку малку е потребно за да се создаде „место“ како градски феномен во кој луѓето се чувствуваат добредојдено и пријатно. Атмосферата што протече на тоа парче од паркот беше извадена од контекст на целината, „како во друг град“ ќе кажеше по некој од присутните, изнудуваше насмевки и стимулираше разговори така што во еден момент, магично сите заборавивме кај сме.
Логично е идејата секогаш да биде поврзана со одередена потреба, за да има реализација мора да постои проблем. Во овој случај, проблемот први го лоцирале уметниците од галеријата CAC (Contemporary Arts Center), каде првично се дискутирало за простор во кој ќе можат да изложуваат слободните уметници, индивидуално и независно, каде процесот на барање за изложување на делото нема да има потреба да поминува низ неколку филтри на одобрување. Така, идејата за слободностоечката галерија се раширила, па од лебдечка мисла конечно се претворила во физички објект.
Зад овој проект, покрај CAC, стојат и архитектите Филип Јовановски и Дејан Ивановски, кои заедно го оствариле концептот и реализацијата на проектот. Изложувајќи го својот став во три различни текстови, секој од нив искажа различен аспект во кој го изложуваат својот поглед кон целиот проект и неговата интенција.
Според CAC, идејата за монтирање монтажна галерија е резултат на потребата за независно дејствување во сопствен простор, кој ќе биде препознаен како таков, и кој нема да зависи од волјата на јавните културни институции и нивните интереси, туку ќе ги одразува идеите и креативните потенцијали на уметниците, независниот културен сектор и граѓаните.
CAC решиле на креативен и естески прифатлив начин да извршат упад на јавниот простор, така што на уметниците и другите културни дејци ќе им се овозможи нова директна комуникација со граѓаните и публиката. Галеријата има потполно отворен концепт, таа има школка, галерија, сцена и бина која по потреба се менува и ги тера луѓето на интеракција.
Изгледот и концептот на галеријата е производ на шестмесечно истражување од страна на ЦСУ-Скопје, при што требало да ги задоволи потребите просторот да биде мобилен, флексибилен, мултифункционален и да има можност за претворање на повеќе форми на културно изразување.
Според Дејан Ивановски, има неколку важни аспекти кои се запазени во однос на објектот од архитектонска гледна точка. Првиот и основен аспект е релацијата што објектот ја остварува со тлото каде е поставен, односно допирот со земјата е минимален така што не доаѓа до уништување на вегетаблиниот и инсектен свет. Втор, исто така важен аспект е тоа што се работи за пропорционален волумен, човекомерен просторен волумен кој има можност за изложување на сите површини во внатрешноста. Неговата транспарентност дозволува директна врска со природата, оттука обидот да се втопи во контекстот во кој ќе биде поставен односно отсуството на граница помеѓу архитектурата и природата. Објектот е исто така и расклоплив, што овозможува негова поширока употреба. Во рамките на внатрешноста постои и уште еден волумен кој со помош на аксијален лагер добива придвижување во две оски.
Со оглед на потребата за програмска препознаеност, како и од потребата за простор за дејствување на сите независни актери од областа на културата и уметноста, како и од граѓанскиот независен сектор, Мобилната/монтажна галерија има четири главни програмски линии:
- ON програма се однесува на ликовни, мултимедијални и проекти од областа на визулените умености кои ќе бидат во целосна или делумна продукција на галеријата, кои ќе го носат жигот на галеријата и ќе бидат финансиски поддржани од ЦСУ- Скопје во рамките на програмата на галеријата.
- OFF програма се однесува на сите проекти и акции од областа на културата и уметноста во нивното најшироко сфаќање, кои ќе ги задоволуваат основните критериуми на галеријата (иновативност, современост, квалитет) да бидат просторно и логистички поддржани. Оваа програмска линија всушност значи давање просторно логистичка и технишка поддршка на самостојните творци, уметничките групи и независните организации кои немаат сопствен простор за дејствување, своите идеи и продукција да ги претстават на јавноста преку галеријата.
- Програмата за заедницата е експериментална програма наменета за развој на креативните идеи и содржини во непосредната околина на галеријата, и предвидува нови форми на интеракција со заедниците и нивните претставници, задоволување на локалните културни потреби и заедничко краирање на нови содржини кои треба да доведат до генерално подигнување на перцепциите кон културните производи, интерсни и привлечни за локалната заедница (маало, месна заедница) што е во непосредна близина на галеријата.
- Програмата за граѓански активизам има за цел, преку непосредни презентации разговори и дебати, но и специфични обуки и акции, да го стимулира граѓанскиот и активистичкиот пристап за решавање на проблемите на граѓаните, и вршење притисок кон надлежните за решавање на проблемите на заедниците.
На прашањето на Филип Јовановски: „Дали уметноста има своја територија која треба да ја брани, и дали таа е материјален простор или пак е обид за создавање на заедница во поширок општествен и политички контекст?“, останува да го посведочиме овој проект како обид за одговор на овие прашања. Инаку, се предвидува галеријата да биде во служба на заедницата до јуни месец, меѓутоа би било пожелно да се продолжи нејзиниот „престој“, па дури и да се јави како урбан феномен и во други градови низ земјата.