Новата европска ракета Ariane 6, ќе го реализира својот инаугурален лет во периодот помеѓу 15-ти јуни и 31-ви јули 2024 година, соопшти Европската вселенска агенција (ESA). Нестрпливо исчекуваниот период за првиот пробен лет следува откако пробниот модел на новата ракета го мина клучниот тест на моторите во Француска Гвајана.
Земјите членки на ESA се согласија во 2014 година да започнат со развој на Ariane 6, како одговор на растечката конкуренција на пазарот на комерцијални лансирања, но иако првичниот рок беше 2020 година, неколку пати е пролонгирана реализацијата на овој проект. ESA ќе спроведен неколку дополнителни тестови пред лансирањето, со цел да се увери дека дизајнот е „толерантен на грешки“. ESA соопштила дека планира и втор лет до крајот на 2024 година и дека во 2025 година тој број ќе се зголеми со цел во блсика иднина да ја достигне целта од 9-10 летови годишно.
ESA верува дека на овој начин ќе ги надмине проблемите кои ги има со пристапот во вселената во последно време, откако ракетата Ariane 5 последен пат е лансирана во јули, а помалата Vega C останува приземјена по дефектот во декември минатата година. Овие околности ја оставија Европа без независен пристап до вселената. Минатата година Русија ја блокираше европската употреба на своите ракети „Сојуз“, како одговор на санкциите од Западот поради Украина.