Во јануари се најавени планови за изградба на монументален облакодер во Дубаи, кој би можел да стане втор највисок на светот. Потврдено е дека овој амбициозен проект навистина ќе биде реализиран, а кулата наречена Burj Azizi, ќе достигнува височина од 725 метри.
Burj Azizi, чие име доаѓа од компанијата Azizi Developments која стои зад проектот, ќе биде втор облакодер по височина на светот, веднаш зад Burj Khalifa, со 828 метри. Но, како што е често случај со ваквите проекти, постои можност идните проекти како на пример Jeddah Tower, да го сменат ова рангирање, иако малку е веројатно дека тоа ќе се случи во скоро време. Облакодерот ќе има 131 кат, со фасада составена од повеќе правоаголни стаклени форми. Овде ќе биде сместен луксузен хотел, а во план се и престижни резиденцијални единици. Кулата ќе го поседува највисокиот ноќен клуб и највисокиот ресторан на светот. Планирани се и бројни други содржини, како што се велнес центри, базени, сауни, кина, теретани и сл., што ќе го направи објектот средиште на луксузот и комфорот.
Mirwais Azizi, основачот и претседателот на Azizi Developments, изјавил дека инвестицијата во овој проект, чија вредност надминува 1,6 милијарди долари, претставува не само изградба на импресивно здание, туку и посветеност во трансформацијата на хоризонтот на Дубаи. Завршетокот на изградбата на оваа грандиозна кула се очекува до 2028 година, што претставува прилично амбициозен рок за вака сложен проект. Продажбата на становите е најавена за февуари 2025 година.