Во рамките на реализацијата на проектот за подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и локалните економски зони, Општина Илинден ја изгради новопроектираната улица „6“ во локалната економска зона Марино-Кадино.
Станува збор за улица во должина од 400 и широчина од седум метри, во чија изградба се инвестирани четири милиони денари, сопствени средства од Буџетот на Општина Илинден.
Новата економска улица е од големо значење за локалниот економски развој, со оглед на тоа што ги поврзува стопанските објекти во оваа економска зона со локалниот пат Марино-Кадино, а ќе биде од големо значење и за другите стопански капацитети што интензивно се градат или, почнуваат да се градат во оваа економска зона.
Преку интензивни вложувања во патната, комуналната и енергетската инфраструктура во стопанските комплекси и во 9-те локални економски зони Општина Илинден обезбедува поволни услови за влез на нови домашни и странски инвеститори, поддршка на постојните инвеститори, а со тоа и можности за отворање на нови работни места.
Благодарејќи на вложувањата во изградба на нова и подобрување на постоечката инфраструктура во локалните економски зони, изминатите години Општина Илинден стана успешна инвеститорска дестинација, поради што инвестирањето во инфраструктурата и натаму останува еден од приоритетите на Општината.