Новата експериментална технологија на американската вселенска агенција НАСА, која е првично развиена за ладење на опремата во вселената, би можела драстично да го намали времето на полнење на електричните возила на само 5 минути. Станува збор за техника која го подобрува преносот на топлина од каблите за полнење, а која драматично може да ја зголеми јачината на електрична енергија која полначите денес можат да им ја испорачаат на возилата. Тоа би го намалило времето на полнење на батериите на електричните возила, и дури би овозможило полнење од 0 до 100% од капацитетот за само пет минути или помалку од тоа.
НАСА тврди дека струјата од околу 1.400 А, би требало да биде доволна за да наполни батерија на просечен електричен автомобил за 5 минути. Од агенцијата велат дека напредните полначи можат да испорачуваат струја до 520 А, а стандардните помалку од 150 А. Проблемот со преминот на повеќе од 520 А, е тоа што полначот започнал да генерира значително повеќе топлина, поради што станал опасност за корисниците. Меѓутоа, НАСА ја тестирала технологијата која може сигурно да ги лади каблите. Тимот од Универзитетот Purdue го објавил експериментот Flow Boiling and Condensation Experiment (FBCE) во кој се изведени експерименти со двофазен проток на флуид и пренос ан топлина во опкружување на долготрајна микрогравитација на Меѓународната вселенска станица (ISS). Во суштина, корситени се кабли ладени со течност со цел тестирање на методата.
Од НАСА истакнуваат дека новата технологија би можела да се користи за испорака на 4,6 пати поголема јачина на струјата во однос на најнапредните достапни полначи.